Црна хроника
Кривична пријава за полицаец за неколку кривични дела
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во содејство со полициски службеници од СВР Скопје го приведе полицискиот службеник М.С. поради постоење на основано сомнение дека е сторител на кривични дела фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и давање лажен исказ.
Имено, откако набавил возило од странство без да ги подмири давачките за увоз на возилото, прикачил регистерски таблички кои претходно ги одјавил со дадена писмена изјава дека му се украдени и таквото возило подолго време го управувал во сообраќај нерегистрирано.
По документирање на случајот до скопското обвинителство поднесена е кривична пријава против полицискиот службеник и тој е суспендиран и поведена е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Возел со 188 килoметри на час на место каде е дозволено 100: уапсен маж од Охридско
Вчера во 16:20 часот на магистралниот пат Кичево–Охрид, кај селото Ново Село, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Б.Л.(29) од селото Мешеишта, општина Дебарца, со престој во Германија.
При контрола со радар е констатирано дека управувал патничко возило „ауди“ со германски национални ознаки со брзина од 188 километри на час на место, каде максимално дозволена брзина е ограничена на 100 километри на час.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Се скарале па го изболе со нож: уапсени двајца мажи од Кичево
Вчера во 14:45 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево ги лишија од слобода А.А.(45) и Ј.Д.(36), двајцата од Кичево.
Тие се сомничат дека околу 13:30 часот, кај месноста „Сеферов бунар“, во близина на селото Трапчин дол, кичевско, по претходна расправија, со нож го нападнале и му нанеле убодни рани на Б.А.(38) од Кичево.
Тој, по укажаната помош во болницата во Кичево, поради сериозноста на повредите е пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
При претреси во нивните домови, извршени по судска наредба, полициските службеници од криминалистичката полиција пронајдоа ножеви, додека кај Ј.Д. се пронајдени шприц исполнет со течна кафеава материја и предмети со остатоци од бела прашкаста материја. Известен е јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
Црна хроника
Тешко повреден 19-годишен скопјанец откако паднал од трет кат на куќа во Илинден
Тешко повреден 19-годишен скопјанец откако паднал од трет кат на куќа во општина Илинден.
Инцидентот се случил вчера вечер околу 20 часот, кога младиот човек, кој бил на гости кај роднини заедно со својата мајка, паднал од третиот кат на куќа во Илинден. Според првичните информации, тој имал здравствени проблеми.
По падот, 19-годишникот се здобил со тешки телесни повреди и итно бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што лекарите ја констатирале сериозноста на повредите.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои дошло до несреќата.

