Топ
Кривична против дилер од Арачиново во чиј автомобил бил пронајден хероин

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 27-годишник од скопското село Арачиново, откако во автомобил кој го управувал бил пронајден хероин.
Како што информираат од МВР, на 02. декември на локален пат од селото Никуштак кон селото Грушино, полицајци извршиле претрес на пријавениот и автомобилот „Бе-ем-ве“, со велешки регистарации, кој го управувал, при што пронашле и одзеле хероин.
27-годишникот се товари за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги…“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На многумина ќе им бидеме пречка, но како премиер нема да отстапам од правото да говориме на македонски, јазикот е нашиот неспорен идентитет, вели Мицкоски

Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Македонскиот јазик, кажа Мицкоски, живее во мислата на секој Македонец каде и да е.
„Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разноразни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен, ќе повторам многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и нашата заедничка татковина“.
Владата, како што рече, ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација.
Македонија
Љутков: Македонскиот јазик низ историјата помина низ многу предизвици и тешкотии

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска се обрати на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржа под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Македонската академија на науките и уметностите.
Во обраќањето, министерот Љутков истакна дека македонскиот јазик низ историјата помина низ многу предизвици и тешкотии.
„Македонскиот јазик низ историјата го помина своето длабоко страдалништво. Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата“, рече Љутков.
Љутков потсети дека во мај 1945 година, македонскиот јазик конечно стана слободен, признат, кодифициран. Добивме јазик, додаде тој, со свое име, со своја граматика, со свој правопис и затоа сме должни да го говориме, да го чуваме, да го негуваме, да го пренесуваме со љубов и знаење. Затоа, додаде тој, во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам.
„И таа грижа не е декларативна. Таа е институционална, одговорна и долгорочна“, рече министерот.
„Со јасна заложба на македонската Влада и Министерството за култура и туризам, востановуваме Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик – институција создадена да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет“, рече Љутков.
Министерот истакна дека во овие осум децении, македонскиот јазик стана медиум на литературата, науката, театарот, филмот, музиката, образованието каде што секоја нова генерација внесува нов ритам, ново дишење, нова слика. „Затоа треба да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, со знаење, со грижа. Да го говориме правилно, да го пишуваме точно, да го учиме со радост и да го живееме со достоинство“, истакна Љутков.
Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)