Топ
Кривична против поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, го оштетил Буџетот на МВР за над 926 илјади денари
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – специјализирано одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против Н. А. од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353 став 3 од Кривичниот законик.
Пријавениот, како поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, со искористување на својата службена положба и овластувањето нецелосно ја прикажал фактичката состојба за поседување соодветна важечка дозвола за воздухопловен техничар со уредно впишано важечко овластување за конкретен тип на летало, со што им овозможил на три лица вработени во МВР на работното место главни воздухопловни техничари да стекнат право на додаток на плата од 20 % од денот на нивното засновање работен однос во МВР.
Пријавениот, иако знаел дека воздухопловните техничари поседуваат важечка дозвола за одржување летало, издадена од цивилните власти, но немале успешно завршена обука за конкретен тип на летало според соодветна програма и немале впишано важечко овластување за конкретен тип на летало, овозможил да им биде исплатуван додаток на плата од 20 % од моментот на засновање на работниот однос во МВР спротивно на одредбите од колективниот договор на МВР.
На тој начин тие стекнале противправна имотна корист од 926.486 денари и за овој износ бил оштетен буџетот на МВР. Одделот за внатрешна контрола против Н. А. ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за кршење на работниот ред и дисциплината и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за правда во Владата на СДСМ, Бојан Маричиќ, е избран за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Собранието денес со 83 гласа „за“ ги избра членовите на новиот состав на Државната изборна комисија. За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Маричиќ доаѓа на местото на Борис Кондарко, кој, исто така, беше предлог на СДСМ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.
Топ
Запленети 150 килограми марихуана, ја транспортирале со шлеп возило од Струга до Свети Николе
Јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Откако двајца од осомничените набавиле марихуана, ја сместиле во автомобил со странски таблички кое било купено за таа намена. Потоа го ангажирале третоосомничениот чија задача била со шлеп служба возилото со дрогата да го транспортира од Струга до Свети Николе.
Транспортот се реализирал на 26.1.2026 година при што двајцата осомничени биле претходница на шлеп возилото. Околу 22.30 часот на регионален пат во околина на Свети Николе од страна на полициски службеници биле запрени двете возила и при преглед во возилото што се транспортирало со шлеп службата во багажниот простор и задната клупа биле пронајдени 8 торби со марихуана, спакувана во 50 пакувања со вкупна тежина од 150, 0394 килограми.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерки за обезбедување присуство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог што судијата го прифати и со Решение им определи мерка притвор на тројцата осомничени.

