Црна хроника
Кривични за шест лица и фирма од Србија: ја злоупотребиле положбата и постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка и јавно-приватно партнерство
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против шест физички лица и едно право лице од Република Србија поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.
Имено, првопријавениот, во својство на претседател на управен одбор на Државна лотарија на Р.С. Македонија, усвоил план за изменување и дополнување на планот за јавни набавки за 2023 и го намалил периодот на важност на договорот за изнајмување софтвер за лотариски систем на една година со што двојно ја зголемил проценетата вредност за набавката и склучил договор со Државна лотарија на Србија.
Второпријавениот, во својство на директор на Сектор за информатички технологии, изготвил барање за измена на планот за јавни набавки со Секторот за јавни набавки на Државна лотарија на РСМ за 2023, во кое навел дека предвидените средства за изнајмување на софтвер на лотариски систем во висина од 12.000.000 денари не се доволни и исто така не преземал дејствија за раскинување на договорот со правно лице од Србија и покрај тоа што знаел дека постапуваат погрешно во делот на одржување на софтверот.
Второ, трето и четврто пријавените, во својство на членови на комисија за јавни набавки, изготвиле извештај од спроведена постапка од 2023 во која констатирале дека доставените понуди од правно лице од Република Србија и правно лице од Скопје ги исполнувале критериумите, и покрај тоа што не ги исполнувале бараните критериуми.
Петто и шесто пријавените во име на правните лица од Скопје и Србија склучиле договор за поднесување на заедничка понуда во отворена постапка, во кој навеле дека освен банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот правното лице од Србија ќе обезбеди и развиен софтвер за лотариски систем, додека пријавеното правно лице не се придржувало и не ги исполнило условите и барањата од набавка. Од преземените дејствија, двете правни лица се стекнале со противправна имотна корист од 11.870.754 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Трагедија на работното место: 53-годишен скопјанец загина во производствена хала
Работник на 53-годишна возраст загина вчера при извршување работни задачи во производствена хала во фирма кај Новоселски пат.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 декември 2025 година во 08:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека С.А. (53) од Скопје се здобил со тешки повреди од машина, по што починал на самото место.
Смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош, а на местото на настанот бил извршен увид.
Црна хроника
Два случаи на семејно насилство за два дена: сопруги нападнати во Скопје и Штип
Два одвоени случаи на семејно насилство се пријавени во текот на изминатите денови во Скопје и Штип, информираат од Министерството за внатрешни работи.
На 12 декември 2025 година околу 12:00 часот, во Полициската станица Драчево бил извршен службен разговор со Б.А. (68) од Скопје, по претходна пријава дека на 9 декември физички ја нападнал својата 66-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во вториот случај, на 13 декември 2025 година во 02:00 часот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода К.Д. (71) од Штип, по пријава дека на 12 декември околу 14:30 часот физички ја нападнал својата 77-годишна сопруга и ѝ упатувал закани. И за овој случај, по целосно документирање, ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Приведен 28-годишен штипјанец: ѝ се заканувал на мајка си, кршел низ домот и ѝ го одзел телефонот
Полициски службеници го приведоа 28-годишниот З.М. од Штип, откако неговата 53-годишна мајка пријавила дека ѝ упатувал закани, оштетил дел од покуќнината и ѝ го одзел мобилниот телефон.
Како што информира полицијата, настанот бил пријавен на 12 декември 2025 година околу 13:40 часот, по што полицијата интервенирала и го привела осомничениот.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Фото: Pexels (илустрација)

