Црна хроника
Кривични пријави против директори и главна медицинска сестра во болницата во Битола
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен в.д директор, против раководител-директор за економско финансиско работење и против главна медицинска сестра во болницата во Битола за злоупотреба на службената положба и овластување,.
Според информациите на МВР, поднесени се кривични пријави против З.Л.(67) од Битола, поранешен в.д. медицински директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување и против лицето Ј.Ј.(63) од Битола, управител на правно лице од Битола и против правно лице од Битола поради постоење на основи на сомнение за фалсификување исправа.
Првопријавениот во својство на службено лице на 15.8.2018 година, потпишал спогодба за деловна техничка соработка со ФК „Пелистер“ АД Битола за давање повратни парични средства, без претходна одлука на Управен орган, по што на сметката на ФК Пелистер биле префрлени средства во износ од 600.000 денари, оштетувајќи ја Клиничка болница Битола за наведениот износ.
Првопријавениот, исто така на 7.4.2020 година одобрил исплата на парични средства кон правно лице спротивно на договорите за јавни набавки во вкупен износ од 292.816 денари, со што ја надминал вкупната вредност на набавката спротивно на договорот.
Второпријавениот како одговорно лице во правно лице изготвил лажни фактури, со цел лажно прикажување на состојба дека извршил угостителски услуги, ставил свој потпис и печат од правното лице чиј управител е и покрај фактот што знаел дека угостителските услуги се извршени од неколку други субјекти во Битола.
Полицијата поднесе и две кривични пријави, една против Н.И.(50) од Битола, раководител-директор за економско финансиско работење во ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според информациите на МВР, пријавената во својство на службено лице по барање на тогашниот директор на Клиничка болница Битола, З.Л.(67) на 22.1.2020 година изготвила налог и извршила исплата на надомест за неискористен одмор во висина од 162.762 денари, без содветна одлука на Управен одбор.
Исто така, поднесена е кривична пријава против Р.Б.(52) од Битола, вработена како главна медицинска сестра во ЈЗУ Клиничка болница Битола и уште една пријава против Н.И.(50) од Битола, раководител – директор за економско финансиско работење во ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавените, во периодот од 2018 до 2020 година, без одлуки на Управен одбор, реализирале повеќе службени патувања во странство, за што од сметката на ЈЗУ Клиничка болница Битола за сместување, превоз и дневници биле исплатени 654.388 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Роб Рајнер и неговиот син Ник се скарале на божиќна забава ноќта пред убиството
Холивуд е во шок откако легендарниот режисер и актер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес, а за убиството е осомничен нивниот син Ник Рајнер, пишува Ти-Ем-Зи.
Според извори блиски до семејството, само една ноќ пред убиството, на божиќната забава на водителот Конан О’Брајан, Роб и Ник имале жестока и гласна расправија, која ја слушнале и други гости. Кратко потоа, Роб и Мишел ја напуштиле забавата.
Извори наведуваат дека родителите со месеци се соочувале со сериозни проблеми поврзани со менталната состојба и наводната злоупотреба на супстанци од страна на нивниот син. Мишел, наводно, им се доверила на пријателите дека таа и сопругот се исцрпени и дека „пробале сè“.
Телата на Роб Рајнер и неговата сопруга биле пронајдени во неделата во нивниот дом, а Ник Рајнер бил уапсен во понеделникот и обвинет за убиство, со одредена кауција од 4 милиони долари.
Црна хроника
Со возилото удрил во заштитна ограда а возел со 1,98 промили алкохол во крвта: уапсен кичевец
Вчера во 18:25 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево, кај месноста „Копачка“, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода О.М.(63) од Кичево.
Претходно, тој со патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал, излетал од патот и удрил во заштитна ограда, а при преземање мерки во врска со незгодата е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,98 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, информира МВР.
Црна хроника
Кривична против поранешниот градоначалник на Демир Капија и за ексдиректорот на „Бошава“: ќе одговараат за загадување на животната средина и природата
ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Л.П.(42) од Демир Капија, П.Ј.(50) од Неготино, против општина Демир Капија и јавно претпријатие за комунални работи „Бошава“ од Демир Капија поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело „загадување на животната средина и природата“ по член 218 од Кривичниот законик.
Во периодот од јуни до октомври 2025 година, Л.П. во својство на поранешен градоначалник на општина Демир Капија и П.Ј., во својство на поранешен директор на јавното претпријатие за комунални работи „Бошава“, овозможиле инсталирање на несоодветна електрична и водоводна мрежа на претходно избушен бунар за вода за пиење во село Прждево, демиркаписко, без да поседуваат документација за техничка исправност на бунарот. Во наведениот период во повеќе наврати овозможиле дотур на водата до резервоарот за вода за пиење и со тоа ги занемариле законските обврски и дозволиле бунарот да биде слободно достапен на жителите на село Прждево, со што придонеле за настанување на состојба на контаминација на водата за пиење, која била закана по здравјето на околу 120 жители на селото.

