Црна хроника
Кривични пријави против петмина за фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против С.Т.(47) и К.Н.(35), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа, против Љ.Т.(57) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и против ДПГТУ „КООП Инженеринг“ – ДОО Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа.
Според информациите од МВР, С.Т. и К.Н., вработени како машински, односно градежен инженер во „КООП Инженеринг“ Куманово, на 29.11.2018 изготвиле и своерачно потпишале Градежен дневник и Градежна книга со невистинита содржина дека наводно градежните работи според основниот проект ,,Реконструкција на локален пат во с.Близанци“ биле во целост завршени, иако воопшто не биле ни започнати. Инаку, за овој проект ,,КООП Инжинеринг“ Куманово, претходно било избрано како најповолен понудувач и градежните работи требало да ги заврши на 29.11.2018. Ваквите документи со невистинита содржина, Љ.Т. во својство на надзорен орган со лиценца, назначен од страна на инсвеститорот, Општина Кратово, со писмен налог за вршење стручен надзор над градби во општина Кратово за 2018 година, со свој потпис како вистинити ги доверил, по што изготвил и со свој потпис и печат заверил Завршен извештај и Извештај за извршен технички преглед од надзорен инжинер за објект ,,Реконструкција на локален пат во с.Близанци“ со невистинита содржина.
Врз основа на вака изготвените документи, Општина Кратово на правното лице на 28.12.2018 му исплатила 2.189.771 денари и на тој начин правното лице се стекнало со противправна имотна корист за наведената сума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

