Топ
Маж загина по пад од покрив
Педесет и шестгодишен маж од село Злетово почина во болница, откако претходно паднал од покривот на куќата додека го чистел оџакот.
Тој вчера утрото бил итно донесен во Клиничката болница Штип со тешки телесни повреди, но по укажаната помош починал.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите откако паднал од покривот при чистење оџак.
Увид на местото извршила увидна екипа од Полициска станица Пробиштип, а по наредба на Јавен обвинител телото е предадено за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Скопјанец ограбил две компании за брзи кредити, па го фрлил оружјето од Камени мост и побегнал во Хрватска
Обвинителството поведе истрага против 25-годишен скопјанец, осомничен за две разбојништва извршени во август оваа година во објекти на компанија за брзи кредити во главниот град.
Според обвинителството, првото разбојништво било извршено на 15 август во просториите на фирмата во Градскиот трговски центар. Осомничениот седнал на столче за клиенти, а кога вработената го прашала колку пари сака, извадил пиштол и ѝ наредил да ја отвори касата. Исплашената жена ја извадила касата од фиоката и ја ставила на бирото, по што напаѓачот ги зел 60.500 денари и избегал.
Само три дена подоцна, истиот маж ограбил уште една филијала на истата компанија, овојпат во Старата скопска чаршија. Со закана со пиштол го натерал вработениот да го отвори сефот и одзел уште 25.000 денари. Потоа избегал во правец на плоштадот „Македонија“ и го фрлил оружјето во реката Вардар од Камениот мост.
По извршените разбојништва, осомничениот се сокрил и подолго време бил недостапен за полицијата, бидејќи заминал во Хрватска.
Поради ризик од бегство и можност повторно да го изврши делото, обвинителството побара од судијата на претходна постапка да му биде определена мерка притвор.
Македонија
Мицкоски: Кога Јакимовски бараше поддршка го замолив да нема бетонизација, а потоа ми рече ‘морам од нешто да живеам’
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од маалска средба во општина Карпош порача дека е време за промена и крај на, како што рече, годините на „бетонизација и приватни интереси“ во оваа општина.
Во своето обраќање, тој се осврна на односите со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, за кого рече дека „ја изневерил довербата на граѓаните и коалицијата“ уште по изборите во 2021 година.
Мицкоски се наврати на 2021 година, кога, како што рече, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, побарал помош и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.
„Тогаш дојде ненајавен, вознемирен и уплашен, во паника. Го примив, му реков да седне и да се смири, да разговараме. Ми велеше: ‘Те молам, поддржете ме, ако треба ќе клекнам, само да ме поддржите. Народот може да ме оправда, да ме обели’. Му реков – немој така, не личи, си човек во години, ќе разговараме, но имам едно барање – нема повеќе бетонизација во Карпош. Граѓаните се изморени од тоа“, раскажа Мицкоски.
Според него, Јакимовски ветил дека ќе го почитува тоа барање и добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ја обезбедил градоначалничката функција.
„По изборите, кога отидов да му честитам, ми покажа маса преполна со детални урбанистички планови. Ми рече: ‘Бирај, кој е за тебе’. Го прашав што значи тоа, нели се договоривме дека нема да има нова бетонизација. А тој ми рече: ‘Морам од нешто да живеам’. Тогаш ми стана јасно дека не станува збор за ветувања, туку за интереси. Му се заблагодарив и му реков дека од мене нема да добие поддршка“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека по тој период Јакимовски започнал со лични напади, но и дека, како што рече, времето на „старите политички лица“ завршува.
„Карпош мора да ја врати својата енергија и изглед. Се работи за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Време е граѓаните да изберат чесност, а не интереси“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Карпош да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.
Македонија
И меѓународната заедница гледа со неверување дека некој во 21 век може да се однесува така, рече Мицкоски по повиците за етничко гласање во вториот круг
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Брвеница испрати порака дека сите кои работат за иднината на државата имаат негова и владина поддршка, без оглед на етничката, верската или политичката припадност. Ова се случува откако кандидатот на Коалицијата „Вреди“ за градоначалник на Брвеница, Хаќим Рамадани рече дека заедно со кандидатите на ДУИ бараат гласови за општините каде во втор круг се тркаат Македонци и Албанци, за да се знае кој е газда.
„Секој кој зборува за иднината на Македонија е добредојден мој соговорник, а тие што шират поделби, особено етнички, не му мислат добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на било кој друг наш сограѓанин“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека со жалење го слушал сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски во Брвеница го кажувал во една , како што ја нарече, егзалтирана состојба.
„Не знам дали беше тоа специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Направи голема грешка пред се за кандидатите, од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини, така што толку себичен потег од политичар до сега поновата историја Македонија не видела“, рече Мицкоски.
Додаде дека ваквата реторика стигнала и до влијателни претставници на меѓународната заедница, така што и тие гледаат со големо жалење и со неверување на она што го слушаат, дека некој во 21 век може да користи таков речник.
Мицкоски истакна и дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложува подеднакво во сите општини, без оглед на политичката или етничката структура на локалните власти.
„Покажавме со инвестиции и договори од половина милијарда евра во сите општини – без разлика дали се леви или десни, провладини или опозициски. Така се гради соживот, така се гради заедничка држава. Со поделби може само да уназадуваме“, рече тој.
Рамадани претходно најави дека во вториот круг ќе соработува со ДУИ, партијата за која „Вреди“ не штеди зборови во партиските соопштенија дека е криминална, поразена и на дното на бунарот, само со цел да се поразат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што се коалициони партнери во Владата. Рамадани рече дека општините како Кичево, Брвеница и Тетово, каде што се мнозинство Албанците, треба да ги води Албанец, што во јавноста денес беше оценето како шовинистичка реторика.
Тензиите меѓу коалициските партнери почнаа уште пред неколку дена, кога лидерот на „Влен“, Билал Касами, во интервју за албанската телевизија Сири најави дека во вториот круг во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, само затоа што е Албанец.
Мицкоски тогаш остро реагираше, истакнувајќи дека политиката не смее да се темели на етнички поделби и шовинизам, туку на вредности и заедништво.
„Сите што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката нека го погледнат примерот на падот на ДУИ – тоа е лекција за сите. Поддршката треба да се гради врз вредности, а не низ призмата на етничка припадност“, изјави тогаш Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг немаше свои кандидати во неколку општини – меѓу нив Тетово, Чаир, Сарај и Струга – токму за да ја поддржи коалицијата „Вреди“ и нејзините кандидати.
„Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно да се гледаат нашите сопартијци како остануваат без кандидати, но тоа беше дел од поширокиот стратешки договор. Ние не бараме ништо за возврат, само почит за жртвата што сме ја дале за други“, изјави Мицкоски во неодамнешното обраќање.
Во вториот круг на локалните избори на 2 ноември, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе се најдат во директна трка во неколку општини, меѓу кои Брвеница, Долнени.
И додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја брани позицијата на својата партија како носител на стабилност и меѓуетничко единство, „Влен“ се’ уште јавно не се произнесе за настапот на Рамадани.

