Топ
Маж и жена од Гевгелија осомничени за разбојништво
Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сопружници, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Мажот направил план заедно со сопругата на сила да одземат златни предмети од нивна 72-годишна сосетка, која често ја посетувале и знаеле за накитот што таа го носи на себе.
На 31 октомври осомничената жена ја повикала жртвата да дојде кај нив на вечера. Во вечерните часови, кога оштетената се јавила дека доаѓа и тргнала, осомничениот на својата сопруга и дал капа и марама за да се маскира, како и дрвена палка.
Таа се маскирала, ја пресретнала оштетената во близина на нивниот дом, ја фатила за вратот и ја соборила на земја, па и го одзела златното ланче од вратот вредно 60.000 денари, по што побегнала.
Украдениот накит заедно со сопругот го закопале во дворот од нивната куќа, а облеката ја сокриле во куќа во изградба, каде подоцна била пронајдена.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и оштетената или да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, како и мерка куќен притвор за осомничената. Судот го прифати предлогот и ги определи бараните мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран
Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за заедничките напади на САД и Израел низ Иран.
Целите вклучувале воздухопловната база Ал Удеид во Катар, воздухопловната база Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската поморска флота во Бахреин, според иранската новинска агенција Фарс.
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека ракетите биле насочени кон земјата и биле соборени од катарската воздушна одбрана. Сведоци изјавија дека слушнале експлозии во главниот град на Катар, Доха. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека земјата е „безбедна“, но внимателно ја следи ситуацијата по нападите на САД и Израел врз Иран.
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти Министерството.
Извор рече дека дел од персоналот на американската воздухопловна база во Катар бил евакуиран по нападите на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт беа вклучени сирени за воздушен напад, каде што се слушнале силни експлозии. Во Кувајт се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Во исто време, државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтската армија пресретнала ракети во нејзиниот воздушен простор.
Претходно денеска, иранската државна телевизија официјално објави дека како одговор на заедничките напади на САД и Израел, силите на Техеран извршија ракетен напад врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни експлозии одекнаа и во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Државната агенција на ОАЕ објави дека земјата делумно и привремено го затворила својот воздушен простор.
„Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се вели во соопштението на ОАЕ.
Амбасадата на САД во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведе режим на изолација за сите свои вработени и ги повика сите граѓани на САД на територијата на арапската земја да се самоизолираат до понатамошно известување.
Според медиуми, силни експлозии одекнле и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Сирија затвори дел од својот воздушен простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
САД и Израел почнаа да напаѓаат локалитети низ Иран денеска, вклучително и во главниот град Техеран, бидејќи тензиите меѓу земјите прераснаа во отворен конфликт. Иранските сили, исто така, лансираа бран ракети кон Израел.

