Топ
Маж ја тепал бремената сопруга: јa притискал за вратот и ја удирал главата од креветот

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против државјанин на Република Хрватска, кој е осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
При вршење семејно насилство во домот во Скопје тој телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво почнал да и се обраќа на висок тон, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. Потоа продолжил силно да ја притиска за вратот, иако знаел дека е во петтиот месец од бременост. Во еден момент ја зграбил и насилно ја фрлил во креветот, по што и ја удирал главата од ивицата на креветот. Престанал кога оштетената започнала да крвари, по што жртвата успеала да се засолни во тоалетот и да повика полиција и брза помош.
Осомничениот слушнал дека повикува помош, по што го напуштил станот. Кај оштетената била констатирани бројни повреди на главата, но и на плацентата во која е сместен плодот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски
Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.
„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.
Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.
Македонија
Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела.
Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека таа ја добила наградата „за нејзината неуморна работа за промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.
Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Таа е основач на движењето „Vente Vente Venezuela“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.
Две децении, Марија Корина Мачадо е најпрепознатливото лице на венецуелската опозиција и симбол на борбата против режимот на Николас Мадуро. Оваа 57-годишна инженерка, поранешна членка на Националното собрание и лидерка на либералното движење „Vente Vente Venezuela“, е позната по своите непопустливи критики кон авторитарната влада и повикува на враќање на демократијата во земја уништена од корупција, инфлација и политички прогон.
На почетокот на 2000-тите, Мачадо ја основа организацијата Сумате, која се бореше за фер избори и транспарентност, поради што таа често беше цел на властите. Во јануари 2024 година, како што се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела, контролиран од Мадуро, ја дисквалификуваше од политиката 15 години, забранувајќи ѝ да се кандидира за функција. Ројтерс и Би-Би-Си известуваат дека Мачадо потоа ја именуваше професорката Корина Јорис за нејзина замена на опозициската листа.
И покрај забраната, Мачадо продолжи да се појавува во јавноста, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела. Во јануари 2025 година, таа беше накратко уапсена по говорот во Каракас, а сведоците тврдеа дека нејзиниот конвој бил нападнат. Според Би-Би-Си, таа набрзо беше ослободена, додека властите негираа дека се случиле какви било апсења.
CNN и Ројтерс известуваат дека Мачадо се смета за клучна фигура во демократската опозиција од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската Унија и САД. Таа е добитничка на неколку меѓународни награди, вклучувајќи ја наградата Сахаров за слобода на мислата (2024) и наградата Вацлав Хавел за човекови права.
За многу Венецуелци, Марија Корина Мачадо останува симбол на храброст, граѓански отпор и надеж дека земјата, по години авторитарно владеење, ќе најде пат назад кон слободата и политичките промени.
Фото: ЕПА
Македонија
(Фото) Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради паркирано возило во пешачка зона

Општина Центар – Скопје испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на пешаците.
Во целост ја пренесуваме протестната нота, потпишана од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Општина Центар – Скопје упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата „Народен фронт“, наспроти угостителскиот објект „Интермецо“.
Оваа постапка претставува директно прекршување на сообраќајните правила и нарушување на јавната безбедност.
Овој простор е наменет за рекреација на граѓаните, со спортски и детски игралишта каде секојдневно престојуваат деца, млади и семејства. Со ваквото однесување се загрозува јавниот ред и безбедноста во урбаната средина.
Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија.
Во таа насока, Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Општината ја користи оваа прилика да го изрази своето уверување во взаемното почитување и соработка со дипломатската заедница, во духот на добрите односи и меѓусебното разбирање“.