Црна хроника
МВР го разреши началникот на Демир Хисар
Министерството за внатрешни работи информира дека Одделот за внатрешна контрола при МВР изврши проверка по објавено видео од претрес во Демир Хисар. Во текот на проверките е констатирано непрофесионално и неетично однесување на началник од ОВР Демир Хисар.
За наведеното лице е покрената дисциплинска постапка, а со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, началникот ќе биде разрешен од функцијата.
Министерството за внатрешни работи јасно го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата постои за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
„Ќе ти средам за туѓа нега“ – измамен тетовец за 250 евра
66-годишен жител на тетовско село пријавил во полиција дека бил измамен од лице со иницијали С.Н., кое му побарало пари за наводно посредување при добивање социјална помош.
Според пријавата, измамата се случила во јуни годинава, кога осомничениот му кажал дека неговата сопруга работи во Центарот за социјални работи во Тетово и дека е член на комисија за доделување помош по основ на „туѓа нега“. Му ветил дека за еден месец ќе ја добие помошта, но најпрво побарал 250 евра за „завршување на работата“.
По исплатата, измамникот престанал да му се јавува и не ја исполнил ветената услуга.
Случајот е пријавен во СВР Тетово на 31 октомври, а полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.
Црна хроника
Жена од Битолско ранетa со воздушна пушка додека работела на нива
Жителка на село Долно Српци, во битолскиот регион, завршила во болница со повреда од воздушна пушка додека работела на нива.
Според информациите од полицијата, во четвртокот околу 15:30 часот, во Клиничката болница во Битола била примена 54-годишната Д.М. со повреда во пределот на главата. Таа им објаснила на полицајците дека додека работела на нива помеѓу селата Долно Српци и Вашарејца, слушнала звук налик на истрел, по што почувствувала болка и забележала дека е повредена.
Увидна екипа на СВР Битола извршила увид на местото и потврдила дека повредата најверојатно потекнува од воздушна пушка.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот.
Црна хроника
Неготинец снимил и објавил навредливо видео, реагирале над 100 жители на Криволак
Полицијата во Неготино поднесе кривична пријава против 67-годишен жител на градот, осомничен дека на социјалните мрежи објавувал расистички и ксенофобични содржини.
Како што соопшти полицијата, Љ.Т. на 20 октомври годинава, преку својот личен профил и уште еден профил што го администрирал, објавил видео во кое користел погрдни и навредливи изрази за жители на селото Криволак. Во снимката, според пријавата, тој повикувал на дискриминација и ускратување на избирачкото право на група граѓани по етничка основа.
Ден подоцна, во полицијата во Неготино биле поднесени три пријави против него, а на 24 октомври дополнително реагирале и 107 жители на Криволак, кои писмено пријавиле дека видеото содржи навреди и невистини на национална основа поврзани со изборниот процес.
Осомничениот се товари за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, а пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.

