Црна хроника
МВР сослушува 12 лица за нападот врз новинарите на А1.он
Министерството за внатрешни работи ги осуди последните настани, односно нападот врз новинарите на А1.он, што се случи во вторник вечер по протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“, во центарот на Скопје и ќе ги употреби сите средства за да ги расчисти сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир.
Како што појасни портпаролот Јордан Ламановски, на прес-конференција, во вторникот биле пријавени три кривични дела „насилство“, од кои првото се однесува на нападот на новинарите на електронскиот медиум А1.он, при што се вели дека две лица од грб ги нападнале новинарите кои извршувале работна задача.
Во другите „насилства“ биле повредени двајца малолетници.
Според МВР, на место на настанот биле легитимирани 12 лица, со кои во текот на денешниот ден се извршени информативни, службени разговори и се преземаат сите неопходни мерки за утврдување на мотивот на напаѓачите. Полицијата презема мерки да се најдат тие две непознати лица, кои ги нападнале новинарите, кои, пак, не можат да посведочат за нивниот идентитет, со оглед на фактот дека биле нападнати од грб.
Ламановски потврди дека имаат фотографија од лице во профил кое бега од местото на настанот и во следниот период ќе се утврдува неговиот идентитет, како и тоа дали учествувал во насилството.
Во другите два одделни случаи групи млади нападнале малолетник на возраст од 17 години во близина на зградата на Народна банка. Малолетникот во бесознание е префрлен во Клинички центар каде е задржан на неврохирургија за натамошно лекување.
Трето дело насилство се случило во 19.20 часот во автобус ЈСП борј „58“, кој се движел кон транспортен центар. Возачот на автобусот рекол дека во автобусот на автобуската постојка кај „Евро Ламбо“, влегле група млади и тие физички нападнале 17-годишен малолетник и искршиле еден прозорец.
Девет лица се приведени, од кои пет најверојатно се извршители на насилствата. Едно полнолетно лице е задржано во полиција, а другите се пуштени како малолетници дома, откако во присуство на нивните родители и на адвокати биле испрашани.
Од местото на насилството најдени се траги од крв и еден нож, а одземена е и облеката на некои од лицата, на кои имало траги слични на крв./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

