Топ
МВР со детали за пожарот во Злокуќани: опожарени шест куќи, малолетник е повреден, а неколкумина побарале лекарска помош поради вдишување чад

Вчера, во 20 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на улицата Скупи во Скопје настанал пожар, во кој биле опожарени шест куќи, а на две биле зафатени делови.
Во пожарот малолетник добил повреда и со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Во истата болница била пренесена и Ш. С. (34) поради вдишување чад. Исто така, Р. С. (69), Х. Х. (49) и тројца полициски службеници, поради вдишување чад, побарале помош во Градската општа болница „8 Септември“.
Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Блерим командува, Данела удира по Албанците: сценарио на ДУИ, велат од „Вреди“

Да расветлиме една од најболните приказни за злоупотреба на институциите против граѓаните, приказната за мрежата што ја создадоа Блерим Беџети и градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска. Ова е приказна за партиска моќ, за коруптивни договори и за системска дискриминација што ги погоди токму тие што најмногу се жртвувале, велат од „Вреди“.
„Bо изминатите месеци бевме сведоци на спектакуларно режирана акција на ДУИ, во која главниот удар беше насочен кон семејството на припадник на ОНА.
Од над 20.000 нелегални објекти во Скопје, токму неговата скромна куќа беше избрана за демонстрација на сила.
Зошто? Затоа што претходно истиот човек беше избркан од работа по налог на луѓето на Блерим Беџети. Тоа не е случајност, туку пресметана порака: „Ако не сте со нас, ќе ве нема“.
Истата рака на Блерим Беџети се гледа и зад лажниот наратив што ДУИ ѝ ја продава на македонската јавност – дека на удар е Командант Барути, а вистинскиот човек зад приказната е брат му. Давејќи се во маглата на дезинформациите, останува да се види кој навистина ги влече конците и во чија корист се одвива оваа дива предизборна драма“.
Ова, како што велат, не е првпат Блерим Беџети и неговите соработници да го креваат стапот над главите на своите сограѓани Албанци.
„Што е заедничко во сите овие настани. Лицата и парафите на Блерим Беџети и Данела Арсовска:
Заеднички договори склучени далеку од очите најавноста;
Партиски именувања во „Комунална хигиена“ и во другите јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје, што треба да им служат на сите граѓани;
Координирани теренски акции насочени кон населби во кои живеат Албанци со цел да се испрати порака на страв и покорност.
Ова сега не се само поединечни злоупотреби, туку образец на однесување. Партија што некогаш се гордееше со борбата, денес ги предава токму своите борци, ги става на столбот на срамот заради пуста пропаганда и опстанок на власт“.
Прашуваат: Кој намерно прави притисок кон одредени поединци? Зошто ДУИ свесно ја шири лагата за борците на ОНА? Дали ова е уште едно предупредување од ДУИ до секој ветеран што ќе проговори?
Како објаснуваат Блерим и Данела дека од над 20 000 објекти во Скопје само еден беше таргетиран?
Кој ги повика инспекцијата и полицијата и врз основа на кои критериуми?
Кој го потпиша списокот за отпуштања во „Комунална хигиена?“ Кој го напиша? Дали Блерим Беџети лично?
Колкава е вистинската финансиска спрега меѓу Град Скопје и фирмите блиски до Беџети? Дали стравот од изборите и одењето на Данела ја создава целата нервоза?
Колку од отпуштените 150 Албанци добија нова работа и под кои услови?“
Бараат Јавното обвинителство веднаш да почне предистражна постапка за улогата на Блерим Беџети во злоупотребата на службената положба и во поттикнувањето етничка омраза во последните месеци во Скопје.
Инспекциски надзор врз сите договори на Град Скопје во изминатите три години;
Итно враќање на работа на неправедно отпуштените работници и обесштетување за поминатиот период.
Топ
(Видео) Филипче: Македонија не смее да остане жртва на странски дестабилизациски операции

Претседателот на СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната седница на која се презентираше Програмата и приоритетите на Данското претседателство со Советот на Европската унија, се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија, а поврзани со странски влијанија и дезинформациски кампањи.
Филипче побара од амбасадорката на Кралството Данска, Перниле Деилер Кардел, сериозно да се земе предвид делот од Извештајот на Европскиот парламент, каде што стои дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание.
„Би сакал данската амбасадорка да каже дали ова го земаат предвид и дали се анализира овој дел од Извештајот, кога се зборува за зајакнување на безбедносната политика. Тоа дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, рече Филипче.
Во обраќањето на Советот, Филипче го нагласи значењето на двата клучни приоритета на данското претседателство – безбедна Европа и конкурентна зелена Европа, посочувајќи дека тоа е од исклучителна важност во актуелниот геополитички контекст.
„Уверен сум дека Данска ќе работи силно на решителна Европска унија, која презема одговорност за сопствената безбедност и зајакнување на конкретности. Двата главни приоритети се многу важни во денешниот геополитички контекст, тоа е безбедна Европа и конкурентна зелена Европа. Искрено се надевам дека и ние како зелен кандидат за членството во Европската унија ќе го најдеме своето место во поставувањето на данските приоритети на данското претседателство, безбедна и конкурентна зелена Европа“, рече Филипче.
Тој ја потенцираше и важноста на политичките договори што се направени во минатото, кои, како што кажа, не се само договори коишто решаваат политички проблеми.
„Имено, во Преспанскиот договор има еден сериозен дел кој укажува на развој на потенцијално партнерство со Република Грција во делот на обновливите извори на енергија, и тоа е нешто што во овој контекст Европа, сметам, треба да го има на ум и да го вгради во сопствената стратегија. Вака како што го именувала и Данска – конкурентна зелена Европа, но особено имајќи ја предвид потребата Европа да стане што понезависна од руските извори на енергенси, нешто што се покажа како многу кризно прашање во изминатиот период“, истакна Филипче.
Во однос на безбедноста, тој ја поздрави одлуката на ЕУ за зголемување на инвестициите во воената индустрија и градење на автономна безбедносна политика, независна од трети актери. Во обраќањето на Советот, Филипче стави акцент и на проширувањето на Европската унија, кое, според извештајот на данското претседателство, добива нова тежина, особено со вклучувањето на земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина во заедничката безбедносна политика.
Македонија
До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во 2027 година

За речиси еден и пол месец, премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид. Со нив и со делот што викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а преостанатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево – Охрид ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри, кои очекувам до крајот на август да бидат пуштени во функција, со што од вкупната делница од 57 километри, до крајот на август 34-35 км ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево, кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.
Дополнително, треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево, која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.
Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.
„За сето ова за што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи, за жал, тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот, без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.
Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево – Охрид досега чини 598 милиони евра место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.