Топ
Мигрант заврши зад решетки поради напад и разбојништво врз други мигранти во Липково
Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице на возраст од 21 година, државјанин на Пакистан, поради разбојништво.
Осомничениот на 18 јули, околу пладне, во атарот на селото Лојане, општина Липково, во состав на група со уште девет непознати лица пресретнал мигранти што се движеле пеш по што, упатувајќи закани кон нив, почнале со метални шипки да ги удираат по главите и телата.
„Од секој од оштетените одзеле пари во износ од 600 до 800 евра, а од некои од нив и златен накит, кој оштетените го носеле со себе. Осомничениот заедно со други засега непознати лица од групата ги задржал оштетените заканувајќи им се за животот сѐ до моментот кога биле откриени од страна на полициските службеници по што непознатите лица од групата се разбегале во непознат правец, а осомничениот бил фатен од полициските службеници“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување на мерката притвор против осомничениот бидејќи постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и оправдан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.
Судијата на претходна постапка, по спроведена постапка, донесе решение, со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: И во април 2026 ќе има линеарно зголемување на пензиите, со тоа се намалува сиромаштијата кај оваа група граѓани
Во текот на денешната работна посета на општина Кавадарци, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарските прашања се осврна на зголемувањето на пензиите во наредниот период.
„Ќе има повторно линеарно зголемување на пензиите за пензионерите во април, за мартовската пензија. Продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри кои што ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и „џини-коефициентот“, само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите, најпрвин за 2.500 денари кои се случија во ноември за октомвриската пензија во 2024 година, па дополнителните 2.500 денари во април за мартовската пензија, оние 1.000 денари дополнително линеарно зголемување во ноември за октомвриската пензија 2025. Така ќе биде и сега во април за мартовската пензија во 2026“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека со ова се сака да се намали стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани, а со тоа да се намали и „џини-коефициентот“ кој подразбира нееднаквост во распределбата на доходите кај различни групи на граѓани.
„Во таа насока добро се движиме, што се однесува до „џини-коефициентот“ сме најдобри во регионот и сме над европскиот просек, а борбата против сиромаштијата е една од главните цели на оваа Влада и ќе се движиме и понатака во таа насока“, додаде Мицкоски.
Топ
МВР со детали за убиството во Старата скопска чаршија: загина маж од Турција
Денеска во 01:11 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект во Стара скопска чаршија“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка, при што две лица се здобиле со повреди од остар предмет.
Полициски службеници излегле на местото и со повреди од остар предмет се пронајдени А.М.Д.(22) од Турција, кај кого во 01:30 часот лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, и Ч.Е.(23) од Турција, кој е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош.
Полицијата соопшти дека е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете во животно загрижувачка состојба, Тошковски потврди дека случајот е под истрага
Новогодишната ноќ низ целата држава поминала мирно, а за стабилна безбедносна состојба на терен имало засилено полициско присуство, информираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„На подрачјето на СВР Скопје за жал регистриран е еден посериозен настан, убиство во кој животот го загуби турски државјанин. Седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства а едно лице се самоповредило со ловна пушка во Битола“.
Тошковски информираше и за повредено двегодишно дете кое според последните информации во јавноста, се здобило со повреди од огнено оружје во главата.
Еден од оние посериозни настани кои и мене лично ме вознемирија, рече Тошковски, е настанот кој се случил во вечерните часови, при што тешко телесно било повредено дете од две години.
„Согласно информациите кои ги имам детето е во животна загрижувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент кој со сигурност во овој момент не можеме детално да го специфицираме. Има повеќе теориии за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдивме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда, јавноста ќе биде информирана“, кажа Тошковски.
Инаку лекарите како тежок случај го посочија случајот со двегодишното дете.
Како што беше објавено во јавноста детето без познати лични податоци било примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето, според надлежните, е во животна опасност и нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот, како што кажа и Тошковски.
Тој потврди дека случајот е под истрага.
Според Тошковски, вчера биле регистрирани и 23 сообраќајни незгоди од кои две биле со тешки телесни повреди а приведени биле 49 лица по разни основи.

