Топ
Млада жена со перница се обиде да ја убие бабата на сопругот – ужас во Ѓорче

Скопското Обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна жена осомничена за обид за убиство. Пред два дена, во домот на улицата Борис Бојаџиски во скопската населба Ѓорче Петров, таа се обидела да ја убие бабата на својот сопруг со која живееле во семејна заедница.
Додека бабата, родена 1938 година, одмарала во една од собите, осомничената ја заклучила вратата, седнала врз неа и со перница врз главата се обидела да ја задуши. Таа исто така ја удирала со тупаници по главата.
Според информациите од Обвинителството, престанала кога мислела дека ја убила и за тоа му кажала на сопругот. Тој веднаш повикал полиција.
Бабата била пренесена во болница, каде и биле констатирани нагмечување на главата и вилицата, како и хематоми.
До судот доставен е предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Нека ме наречат заостанат, но формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати порака до граѓаните дека формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина.
„Секој оној кој што си игра играчки и кој што ова не го разбира, колку е ова озбилно, не и мисли добро на државата. Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни Влади, а тоа се многудентни семејства. Јас би сакал кон сите македонски граѓани да упатам јасна порака – формирањето семејство, формирањето многудентно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Без разлика на верската, на етничката припадност – многудетното семејство значи иднина“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека според последниот попис во Македонија има над 1,8 милиони жители, но дека стравува дека за 20 години ќе бидеме држава под 1 милион жители.
„Имаме отприлика над 700 илјади редовно вработени и околу 350 илјади пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува од 1,5 милиони. За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен“, изјави премиерот.
Според него, тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд.
Инаку, Мицкоски денеска ја промовира петгодишната програма која ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА.
„Оваа програма не е само документ или формалност, туку е план за дејствување- визија и стратегија која ќе се реализира со конкретни активности, насочени кон иднината на нашата држава и нашите граѓани. Кога зборуваме за ресурси, често споменуваме рудни богатства, финансии, инфраструктура, енергенси, води или природни богатства. Сето тоа е значајно. Но, најважниот ресурс, ресурсот кој ги движи сите други, тоа е човечкиот капитал“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека демографската рецесија не е нов феномен и дека таа трае повеќе од 70 години. Како што кажа Мицкоски, од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа.
„Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња. Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците- затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови- за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки“, рече Мицкоски и додаде дека овој проблем не е изолиран само кај нас и дека со него се соочува целата Европа и пошироко- Балканот, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија. Она што е симптоматично е дека дури и најразвиените и најбогатите земји се најмногу погодени.
Македонија
Јаневска: Државата целосно го финансира учеството на талентираните ученици на меѓународни натпревари

Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на конференција организирана од Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, на која беа претставени успесите на македонските ученици и нивните ментори постигнати на меѓународните научни олимпијади по хемија во оваа календарска година.
„Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја“, рече Јаневска.
На Меѓународната олимпијада по хемија што годинава се одржа во Дубаи, македонските ученици освоија по еден сребрен и бронзен медал, како и една пофалница, додека на Меѓународната „Менделеев“ олимпијада во Бело Хоризонте во Бразил освоија два бронзени медали.
„Овие деца се дел од таа генерација во која веруваме дека може да донесе подобри времиња. Затоа што го ценат знаењето, постојано да надградуваат, знаат дека науката е столб на просперитетот и што е најважно – имаат натпреварувачки дух и прифаќаат предизвици што мора да се решат за да се стигне до победата“, рече Јаневска.
Изрази уверување дека министерството ќе продолжи да ги унапредува политиките за поддршка на талентираните ученици и студенти, да доделува стипендии, парични награди и да вложува во младите научници.
Топ
Уапсени двајца турски државјани во Скопје, му се заканувале на едно лице дека ќе го убијат ако не му дадат пари

Вчера во 18:40 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за насилен криминал и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, во координација со јавен обвинител, ги лишија од слобода Е.О.(29) и Е.А.(22), двајцата од Република Турција.
Тие се затекнати при примање 40.000 евра од Х.Џ.Ч.(26) од Република Турција, со привремен престој во Скопје, кои претходно се кримтехнички обработени.
Имено, претходно во полициска станица Х.Џ.Ч. пријавил дека неколку дена лицето Б.О. од Република Туција, кој живеее во Обединетите Арапски Емирати, постојано му се заканувал дека ќе го убие ако не му дава пари. Според пријавеното, пред да го пријави настанот во полиција, му се јавил Е.О. и го известил дека парите треба му ги даде нему и дека на договореното место ќе дојде со уште едно лице.
Двајцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.