Топ
Младо момче добило лажна порака да се сретне со девојка, па било однесено во куќа во Ѓорче и претепано

Хорор во скопската населба Ѓорче Петров.
Мајка пријавила во полицијата дека нејзиниот 15-годишен син примил порака на социјална мрежа од лажен профил на неговата девојка, за да се сретнат.
Потоа, според информацијата на МВР, момчето заминало на договореното место, но наместо да се сретне со девојката било пресретнато од четири машки лица од кои едниот го познавало од претходно.
Според пријавата, четворицата го грабнале и однеле во куќа во Ѓорче, по што го натепале и му го украле мобилниот телефон. За ужасот да биде поголем, насилството го снимале и го објавиле на социјална мрежа, а подоцна видеото било избришано.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Очекуваме историска победа за Орце, ВМРО-ДПМНЕ со градоначалници во поголем број општини, СДСМ сака да си го оправда изборниот дебакл, порача Мисајловски

ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на огромна победа, кажа вечерва потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.
„Разликата е некаде три спрема еден а има општини каде што е десет спрема еден а во некои општини СДСМ е трета партија“, додаде тој.
Истакна дека се избрани градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, во Сопиште, Штип, Велес, Бутел Аеродром, Јегуновце, Вевчани и на многу други места.
„Гласовите се пребројуваат а резултатите укажуваат на водство. На прагот сме на убедлива победа во Струмица. Орце води убедливо за Скопје. Во однос на споменатите нерегуларности од страна на СДСМ, разликата е толку убедлива и огромна што нема простор за ваквото алиби на СДСМ со која сакаат да се оправдаат од изборниот дебакл. Изворот и причините за својот дебакл треба да си го бараат во сопствените редови“.
Што се однесува до ДУИ, Мисајловски додава дека оваа партија очигледно е декласирана.
„Али ќе има време да си го анализира својот пораз“.
Победата оценува тој е резултат на многу работа, посветеност и одобрување на политиките кои ги води неговата партија.
Македонија
Убедлива е победата во Чаир и Тетово, на ДУИ им ја честитам победата во Пласница, рече Меџити

На ДУИ и Ахмети кои се залагаа за легитимитет да им ја честитам победата во Пласница, рече во шега Изет Меџити, во другите општини убедливо води „Вреди“, додаде тој.
„Тука сме во Чаир да ја прогласиме убедливата победа уште во првиот круг, рече Меџити, кој се заблагодари на сите заслужни за таквиот исход, затоа што битката појасни тој, беше за легитимитет.
„Битката беше за легитимитет, тие посакуваа уште еднаш да си ги одмериме силите во Чаир и во Тетово, и во Чаир и во Тетово убедлива е победата на „Вреди“, и во други општини доаѓаат резултатите од Арачиново па се до другите албански општини дека „Вреди“ е легитимен и дека ние сме победници на овие избори, порача Меџити.
Македонија
СДСМ објави водство во неколку општини меѓу кои Центар, но обвини и за повеќе нерегуларности

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изјави дека изборниот ден поминал генерално мирно, но констатирале бројни прекршувања на изборниот процес.
„Констатиравме злоупотреби на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, како и кршење на изборниот молк преку агитирање. Имаше и нерегуларности при самото гласање“, рече Димитријевиќ, повикувајќи на итна реакција од институциите и најава на подготовка на пријави за утврдените случаи.
Тој соопшти дека според првичните информации, СДСМ води во општините Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани и Богданци. Тесна битка, како што рече, се води во Неготино, Валандово, Македонска Каменица и Лозово. СДСМ, според партиските податоци, води и во Дојран, но најверојатно ќе има втор круг.