Топ
Му се слошило на затвореник во Идризово, па починал на Клиника

Вчера во 15.44 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со влошена здравствена состојба бил донесен П.С.(67) од Скопје, осуденик во Казнено – поправната установа Затвор Идризово.
Според пријавеното, околу 14.00 часот во затворот му се слошило, по што со возило на затворска полиција бил пренесен во „Мајка Тереза“, каде што во 15.25 часот лекар констатирал смрт. Увид бил извршен, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Убиство среде бел ден во Тетово, во пукањето повредени се четири лица меѓу кои и дете

Едно лице загина, а четворица се повредени, меѓу кои и малолетно девојче, во вооружена пресметка што денеска околу 12:30 часот се случила на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, во инцидентот учествувале лица од две возила, при што дошло и до сообраќајна незгода, по што возилата го напуштиле местото на настанот.
„Едното возило се упатило кон улица ‘113’, додека другото заминало во непознат правец“, информираат од МВР. Очевидци изјавиле дека возилото што се упатило кон улица „113“ било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои од извршената проверка се утврдило дека се одјавени и припаѓаат на 19-годишен жител на село Гајре.
При преземените мерки, полицијата на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „107“ пронашла патничко возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски таблички, сопственост на 46-годишен жител на Тетово. „Во возилото било пронајдено едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти МВР.
Во престрелката биле повредени и малолетно девојче од Тетово, кое е задржано на опсервација во Клиничката болница во Тетово, двајца мажи на возраст од 34 и 46 години, кои со тешки повреди се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, како и 60-годишен пешак, кој бил случаен минувач и е пренесен во истата здравствена установа.
„Формиран е тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово, а увидната екипа од СВР Тетово врши комплетен увид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.
Македонија
Војниците во касарната „Илинден“ оддадоа почит за хероите загинати кај Љуботенски бачила

Во касарната „Илинден“ во Скопје, со положување венци и цвеќе, највисоките државни претставници оддадоа почит на хероите кои го загубија животот кај месноста Љуботенски бачила во одбрана на својата држава.
Во знак на сеќавање и благодарност, венци и цвеќе положија делегација на Владата предводена од министерот за правда Игор Филков и министерот за дигитализација Стефан Андоновски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводени од бригадниот генерал Орце Јордев, како и делегација од Кабинетот на претседателот на Македонија, претставници на Армијата и роднини на загинатите бранители.
На денешен ден пред 24 години, осум бранители од резервниот состав ги загубија животите при активирање на мина додека биле на пат кон месноста Љуботенски бачила. Загинатите се: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. Исто така, денес се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој го загуби животот во 2000 година за време на вооружен напад врз полициска патрола во Арачиново.
Македонија
На 12 и на 14 август ќе биде полагањето на двата екстерни испита од државната матура

Двата екстерни испита во августовската испитна сесија од државната матура, за матурантите кои во јуни не ги положиле или не во целост, ќе се полагаат на 12 и на 14 август.
Во вторник (12 август) ќе биде тестирањето по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а два дена подоцна (14 август) е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за двата испитни дена вкупно се пријавени 1118 ученици. Од нив, 352 ќе полагаат македонски јазик, 225 – албански јазик, девет – турски јазик. Англиски ќе полагаат 779, еден ученик ќе полага француски јазик, двајца – германски јазик, 27 – математика и еден матурант е пријавен да го полага испитот по естетика.
Според видот на образование, од гиманзиско ќе полагаат 265 ученици, средно стручно – 835 и 18 од средно уметничко образование. Испитите во августовскиот рок кандидатите ќе ги полагаат во простории на факултетите.
МОН и ДИЦ пред пет дена ги соопштија резултатите од спроведената државна матура во јуни кои се подобри од минатата учебна година. Посечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита во јунската сесија е 3.69 и е повисок од минатата година кога средната оценка беше 3.26. Поголем успех е забележан кај мајчините јазици и кај други предмети, а особено по математика за кој средната оценка е 4.14.
Пријавени за полагање во јунскиот рок беа 15.004 ученици. Поради обиди за препишување, употреба на електронски уреди и други неправилности, поништени биле тестовите на 172 ученици.