Топ
Низа пропусти го убија пешакот Мусли Весели во Бутел: едното возило поминало на црвено светло, другото со недозволена брзина
За сообраќајната несреќа во Бутел, низа пропусти се нотирани во кривичната пријава од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје, кое донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за него е доставен предлог за определување мерка куќен притвор. Во врска со овој настан, за уште едно лице е поведена постапка за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кое се гони по скратена постапка и за него се предложени мерки на претпазливост.
Во сообраќајната незгода загина Мусли Весели, кој имаше 25 години и поминуваше улица.
„На 31 јули, првиот осомничен, 41-годишен македонски државјанин, со престојувалиште во Италија, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот на луѓето.
Тој, по левата сообраќајна лента од булеварот Словенија во Скопје, во насока од запад кон исток, управувал автомобил „мерцедес“, со италијански регистарски ознаки, па кога пристигнал пред крстосницата со булеварите Македонско-косовска бригада и Босна и Херцеговина, на која сообраќајот бил регулиран со семафор, постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и преку надолжната полна линија вршел обиколување на запрено возило. Потоа продолжил со движење и навлегол во крстосницата свртувајќи во лево на запалено црвено светло на семафорот.
Притоа, не го пропуштил возилото „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, кое се движело од спротивната насока по булеварот Босна и Херцеговина, управувано од другиот осомничен, 39-годишен македонски државјанин, и на крстосницата на зелено светло го задржувало правецот на движење, но без притоа да ја приспособи брзината на движење кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Како резултат на тоа, дошло до судар на двете возила, па автомобилот управуван од вториот осомничен излегол надвор од коловозот на пешачкиот разделен остров на северозападната страна од крстосницата и со десниот страничен дел удрил во телото од еден пешак.
Веднаш потоа, возилото, управувано од вториот осомничен, продолжило со движење нанапред и во десно и со предниот дел удрило во метален столб од семафор, продолжило со движење во десно и повторно удрило во бетонски столб, бетонски ѕид и бетонска ограда од дворното место на ресторан.
Од ударот оштетениот пешак добил тешки телесни повреди и бил пренесен на Ургентниот центар при комплекс клиникитер „Мајка Тереза“, каде што починал. Тешки телесни повреди добила и сопатничката во возилото на второосомничениот“, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител, освен мерката куќен притвор, за првиот осомничен предложи и привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола. За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост – обврска тој повремено да му се јавува на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола, односно забрана за нејзино издавање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Топ
Мајка и дете загинаа по пад од зграда во скопски Карпош
Женско лице и нејзиното малолетно дете се пронајдени попладнево починати по пад од тераса во скопски Карпош.
Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот без дополнителни детали.
„Денеска околу 14:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош од балкон од зграда се фрлиле женско лице и малолетно дете кои починале.
Полициски службеници се излезени на местото на настанот“, потврдија од МВР, најавувајќи повеќе детали по завршување на увидот.

