Топ
Обвинение за возачот од Велес кој прегази и усмрти 11-годишно девојче на пешачки премин
Обвинителството од Велес поднесе обвинение против 30-годишен Велешанец кој во декември минатата година прегази со автомобил мајка и 11-годишно девојче на пешачки премин. Девојчето почина од ударот.
„ Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало“, велат од Обвинителството.
Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител.
По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19 декември кога се предал на органите на прогонот. Ова за јавниот обвинител неспорно го потврдува стравот дека доколку се брани од слобода, тој би можел повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Освен тоа, нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал, што упатува на веројатност да го повтори кривичното дело. Со тие аргументи, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор спрема обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Сиљановска-Давкова – Бегај: Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во ЕУ
Во рамки на официјалната посета на албанскиот претседател, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Бајрам Бегај.
„Посетава е уште една потврда за одличните пријателски односи, а одлични пријателски односи се градат само и само врз меѓусебна почит, доверба, партнерство и заедничка визија за европската иднина, ама и за светот.
Речиси немаше прашање за кое не разменивме ставови, се разбира нашиот политички дијалог е дијалог заснован на отвореност и разбирање. Секогаш има меѓу соседите прашања кои заслужуваат посебно внимание, но едно е јасно, ние немаме отворени прашања. Кога немате отворени прашања, имате основ за соработка во сите области“, истакна македонската претседателка.
Според неа, на средбата било потенцирано дека има простор за зголемување на трговската размена и за инвестициите.
И дека има неискористен материјал меѓу бизнис заедниците, кој треба да се валоризира.
Сиљановска-Давкова потенцира дека е потребна понатамошна инфраструктурна заедничка активност и поврзаност.
„Треба да ги олесниме процедурите за прекугранична соработка, тука како што знаете добар пример се соработката на царинските управи на двете држави, кои наоѓаат решение за непречено одвивање на транспортот заради блокадата на граничниот премин Ќафасан со пренасочување преку Блато.
Меѓу главните теми, се знае, секогаш е темата врзана за европската перспектива, таа е поблиска за Албанија. Јас при секоја средба изразувам задоволство во чекорењето на Црна Гора и Албанија, гледам европски чекори и за целиот Западен Балкан. Се разбира дека цврсто сме определени за членство во Европската Унија. До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само за Копенхагенските критериуми, туку за нашата европеизација. Уште еднаш повторив, билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека сериозно треба да се однесуваат членовите на Европската Унија кон неа, да ја превенираат, дека ставањето на агендата на идентитетските прашања и на историските прашања само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите коишто природно, географски, историски и културно припаѓаат кон ЕУ, но сè уште не се политички членки на ЕУ. Двајцата веруваме дека нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во ЕУ“.
Јасно ни е, додава претседателката, дека во моментов она што е најважно во овој свет на неизвесност е обостраната приврзаност на европската меѓународна и безбедносна политика, и дека тоа нè прави отпорни на притисоци и на влијанија. Во рамките на НАТО, како што рече, имаме извонредна соработка.
„Сметаме дека со оглед на непредвидливите глобални предизвици, партнерството внатре во НАТО е важно. Секогаш сме давале и ќе продолжиме да даваме заеднички придонес во заштитата на мирот, не само регионалниот, туку и пошироко.
Овојпат или во посетата е вклучен и ректорот на албанскиот универзитет и тоа е еден одличен потег, значи рака за соработка во образованието, во науката. Ние сме уверени дека поврзувањето на академските институции, но и на културните установи, ќе придонесе за многу подлабоко меѓусебно разбирање и за долгорочно пријателство меѓу двата народи. Се разбира, важен мост во соработката е македонското национално малцинство во Република Албанија, но за господинот Бегај, исто така, и статусот на албанците кај нас. Се разбира, двете држави во духот на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, во духот на другите акти што се однесуваат на заштитата, секогаш се отворени за соработка“.

