Топ
Обвинение за жител на Бојане кој пукал со пиштол и автоматска пушка кон соселани
Скопското основно јавно обвинителство покрена обвинение против лице кое на 14 септември во скопското село Бојане пукало со автоматска пушка и полуавтоматски пиштол, кои ги поседувал без дозвола, притоа предизвикувајќи опасност по животот на неколку лица кои во тој момент се наоѓале во близина на селскиот бунар.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот најпрво почнал вербална и физичка расправија со едно лице.
По ова, со полуавтоматски пиштол „застава М57“ со калибар од 7,62 х 25 милиметри, кој го поседувал без дозвола, обвинетиот испукал неколку куршуми кон продавницата пред која седеле неговите соселани.
Веднаш потоа, влегол во својот дом од каде излегол со автоматска пушка „застава М70Б1“ со калибар 7,62 х 39 милиметри, оружје кое им е забрането на граѓаните. Во дворот тој испукал неколку куршуми во воздух.
Селаните го пријавиле во полиција, по што лицето било приведено, а оружјето му било одземено.
Човекот се товари дека извршил кривични дела предизвикување општа опасност, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Ценејќи дека законските основи поради кои на лицето првично му беше определена мерка притвор и натаму постојат, надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје доставил и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Свет
Скандал во ЕУ: полицијата упадна во просториите на Европската комисија
Белгиската полиција спроведе претрес во просториите на Европската комисија во Брисел.
Станува збор за истрага за можни неправилности во продажбата на недвижен имот во сопственост на Европската Унија, пренесуваат светските медиуми.
Акцијата е спроведена наутро, а опфатила неколку објекти на Комисијата, вклучувајќи го и одделот задолжен за буџетот, објавува Фајненшл тајмс (FT).
Истрагата, според написите, се однесува на продажба на недвижен имот на Европската Унија, која е спроведена за време на претходниот мандат на Европската комисија, кога Јоханес Хан бил задолжен за буџетот.
Според изворите, предмет на проверката е трансакција од 2024 година, кога 23 згради биле продадени на белгискиот државен инвестициски фонд SFPIM за вкупно 900 милиони евра.
Постапката ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), одговорно за кривични дела што им штетат на финансиските интереси на Европската Унија.
Портпаролката на организацијата, Тине Холвет, потврди дека активностите за собирање докази се во тек, но нагласи дека не може да даде дополнителни информации за да не се загрози текот на истрагата.
Белгиската федерална полиција и OLAF, европската канцеларија за борба против измами, одбија да коментираат за случајот.
Белгискиот фонд SFPIM исто така не одговори на барањата на медиумите, додека истрагата продолжува без официјални обвиненија или заклучоци.
Јоханес Хан беше задолжен за управување со буџетот на Европската Унија до 2024 година, а по завршувањето на неговиот мандат, беше назначен за специјален претставник на ЕУ за Кипар.
Претходно ја извршуваше функцијата европски комесар за проширување од ноември 2014 до ноември 2019 година.

