Црна хроника
Обвинение за шверцер на 40 мигранти од Авганистан и од Пакистан
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против едно лице за криумчарење мигранти предвидено и казниво по член 418-б, став 2 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот на 26 февруари на претходно договорено место во близина на македонско-грчката граница, прифатил 36 мигранти од Авганистан и четири мигранти од Пакистан. Мигрантите ги сместил во товарно моторно возило ‘пежо’ и започнал да ги превезува кон Куманово по меѓународниот пат А-2 во правец од Радовиш кон Штип. Кај Неготино возилото било забележано од полициските службеници кои со светлосен сигнал му дале знак да запре, но обвинетиот продолжил да се движи кон Штип, а полициските службеници тргнале по него. Кај с.Лакавица обвинетиот го запрел возилото и бил лишен од слобода. Во возилото кое неколку дена претходно било пријавено за украдено биле пронајдени четириесетте мигранти“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети условите надлежниот обвинител заедно со обвинителниот предлог достави и предлог-мерката притвор определена од судија на претходна постапка да биде продолжена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
(Фото) Пронајдена дрога во Скопје, уапсени две лица
Вчера во 15:30 часот на булеварот „Илинден“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода 37-годишниот Н.А. од Скопје.
При преглед на неговото возило пронајдени се две патнички торби во кои имало марихуана.

Ноќеска во 00:10 часот на улицата „Цветан Димов“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода 21-годишниот Е.Х. од Тетово, затоа што кај него е пронајдена марихуана.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
фото: МВР
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

