Црна хроника
Од обложувалница во Шутка одземени пари, уапсени три лица од Скопје
Полициски службеници од ЕВР Чаир ги лишиле од слобода М.Д.(35), Р.К.(33) и А.И.(36), сите од Скопје.
Тие се сомничат дека околу 22.25 часот на 06.12.2023 во спортска обложувалница на подрачјето на Шуто Оризари со закана кон вработената oдзеле пари од касата. При претрес во домот на М.Д., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.
По целосно документирање на случајот, ЕВР Чаир до ОЈО Скопје ќе поднесе соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Трагедија кај Македонски Брод: Загина 41-годишна жена во сообраќајка, меѓу повредените и 6-годишно дете
Трагична сообраќајна несреќа вчера попладне го однесе животот на 41-годишна жителка од Кичево. Според извештајот на полицијата, несреќата била пријавена во 14:41 часот на локалниот пат кон селото Русјаци, во општина Македонски Брод.
Патнички автомобил „цитроен“ со кичевски регистарски таблици, којшто бил управуван од К.С.С. (41) од Кичево, излетало од коловозот и се превртело. Од тешките повреди здобиени од ударот, 41-годишната кичевчанка загинала на самото место на настанот.
Лекар од медицинската помош констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е пренесено на обдукција.
Во несреќата телесни повреди здобиле и тројца сопатници во возилото: С.С. (69), М.С. (62) и шестгодишно дете, сите жители на Кичево. Повредените лица се преземени во Општата болница во Прилеп. Нивната здравствена состојба во моментов не е позната.
На местото на пристигнала увидна екипа на СВР Битола.
Црна хроника
Гостиварец наседнал на лажна порака за пратка од „Пошта“, му украле 26.000 денари од картичката
Четириесет и двегодишен жител на Гостивар пријавил во полиција дека бил измамен за сума од 26.000 денари.
Според пријавеното, тој добил СМС порака со линк наводно на „Пошта на Северна Македонија“ за ажурирање на податоци за достава на пакет.
Како што е пријавено, верувајќи дека се работи за негова претходна нарачка, тој ги внел податоците од својата платежна картичка на лажната веб страница и набргу потоа од неговата сметка биле извршени пет трансакции кон различни субјекти, без негова согласност, по што сфатил дека е измамен.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
Уште еден гостиварец беше измамен на истиот начин минатата недела. Како што тогаш објави „Макфакс“ 34-годишен жител на Гостивар останал без 89 илјади денари, откако добил СМС порака со известување и линк за наводна достава на пакет од „Пошта на Северна Македонија“. Кога влегол на лажна веб-страница и ги внел податоците од својата дебитна картичка, од неговата сметка биле извршени повеќе неовластени трансакции и биле повлечени вкупно 89.106 денари, кои завршиле кај примач во странство.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични и банкарски податоци на сомнителни линкови.
Црна хроника
Камион падна во провалија кај Крива Паланка, возачот загина
Рано утрово во 04:50 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека на магистралниот пат Граничен премин Деве Баир – Крива Паланка, во атар на село Узем, кривопаланечко, товарно возило „сканиа“ со косовски национални ознаки, управувано од Н.Х.(56) од Косово, излетало од патот и паднало во провалија.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Н.Х., а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.
Увид бил извршен, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
фото/илустрација/Depositphotos

