Топ
Осомничениот за сообраќајката кај Лисиче возел под дејство на алкохол и поминал на црвено
Јавното обвинителство од Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишниот скопјанец за кого постои сомнение за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот казниво по Кривичниот законик.
Имено, на 26 јануари околу полноќ осомничениот управувал автомобил „рено меган“ со скопски регистарски ознаки на булеварот Видое Смилевски Бато во Скопје, во насока од запад кон исток. Притоа не се придржувал кон сообраќајните прописи – со автомобилот управувал со брзина поголема од 50 километри на час, што е максимално дозволена во населено место и под дејство на алкохол со концентрација од 0,57 промили алкохол во крвта. Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица која води кон трговскиот центар „Лиса“, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење.
Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. При несреќата, возачот на автомобилот „фолксваген“ се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, ценејќи дека има можност тој да се даде во бегство, да се обиде да влијае врз сведоците во постапката или да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме во денови на екстремно загадување
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, лекарот Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи сподели едноставен совет и план за тоа како да се минимизира нивното негативно, потенцијално канцерогено дејство врз организмот.
Според Беќаровски, изложеноста на овие честички не може целосно да се избегне, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики кои го поддржуваат организмот. Тој препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот G-132+ Natural.
Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека навечер советува чај од ѓумбир и куркума, или бел слез, повторно во комбинација со G-132+ Natural.
Дополнително, Беќаровски нагласува дека во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литра млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок може да се додаде и уште една шолја зелен чај.
„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски, потенцирајќи дека грижата за здравјето е особено важна во периоди на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Топ
Маж и жена, државјани на Македонија загинаа на автопатот Белград – Ниш
Двајца државјани на Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, пишува српски „Курир“.
Несреќата се случила кога патничко возило „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од патот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитната ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од коловозот.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.

