Топ
Карамбол кај Охрид, учествуваше и возило од Србија: осум лица повредени во сообраќајна несреќа на патот Охрид – Свети Наум

Во текот на вчерашниот ден, во 18.30 часот, било пријавено дека на регионалниот пат Охрид – Свети Наум се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „голф“, со црногорски регистарски ознаки, управувано од В. И. (77) од Р. Црна Гора, патничко моторно возило „мерцедес“, со српски национални ознаки, управувано од С. М. (27) од Р. Србија и патничко моторно возило „форд“, со охридски регистарски ознаки, управувано од С. Т. (61) од Охрид.
Во несреќата тешки телесни повреди добила сопатничка од возилото „голф“, О. И. (70), од Р. Црна Гора, а телесни повреди добиле тројцата возачи, двајца сопатници од возилото „голф“ и уште двајца сопатници од возилото „мерцедес“, констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од екипа на СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари го разреши Арбен Фетаи и уште неколку членови на претседателството на Алијансата за Албанците

Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание.
Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.
Тој рече дека ќе соработуват и со ДУИ, и со ВЛЕН на локалните избори за да им помогнат на Албанците, говорејќи дека нема функција, нема име или позиција што има вредност како една чесна структура која излегува пред граѓаните со чисто лице.
Состанокот и разрешувањето се случуваат во период кога повеќе високи партиски функционери се спротивставија на одлуката на Таравари да ги напушти Владата и коалицијата. За нов претседател на собранието на Алијансата е избран Назим Таипи.
Фетаи за денес во 14 часот најави прес-конференција.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика Обвинителството да ја испита улогата на Филипче за случајот Онкологија

ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да ја испита улогата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за случајот Онкологија, и да не го иззема од случаите настанати во негов министерски мандат.
Од владејачката партија велат дека после пресудата за Модуларната болница во Тетово, кривичната пријава за Онкологија е втор случај каде Венко Филипче, како поранешен министер за здравство во чие време се случија двата немили настани, се спасува од одговорност.
„Скандалот со Онкологија, кога на клиниката се правел криминал од тешки размери по буџетот и здравјето и животот на луѓето, се случува во време кога Филипче е министер за здравство. Со случајот на Онкологија, кога Филипче е министер, Буџетот е оштетен за износ од над 2,2 милијарди денари. Но, Венко Филипче повторно, ни во овој случај, исто како за Модуларната во Тетово, не е вклучен ни во истражна, ниту во судска постапка, односно во кривичното обвинение. Затоа, легитимно го поставуваме прашањето, дали Филипче има некаков договор со поединци од судската или обвинителската фела, да не биде изземен од одговорност и да не биде повикан ниту на разговор?“, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
Со предметот што неделава беше отворен за случајот со Онкологија беа опфатени поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и на организациски директор Нехат Нухи, и четворица доктори онколози. Според обвинението, 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија.
Обвинителството поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд на двајцата поранешни директори да им определи куќен притвор. Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка
СДСМ вчера соопшти дека вистината излегла на виделина за Онкологија, а лагите на ВМРО-ДПМНЕ кои сакале со криење документи да го прикажат Филипче како виновен, им пропаднала во вода. Наместо да се повлечат и да се извинат за своите лаги и манипулации, тие продолжуваат безочно да лажат и обвинуваат, реагираше СДСМ.
Македонија
Арсовска во лов на дивоградби: Во Чаир затекнавме работници платени да скријат дупка, оштетени сe булевар, водовод и кабли за струја

Градоначалничката Данела Арсовка им порача на Владата и на МВР да не филозофираат многу и да се фатат за работа со дивоградбите кои никнуваат, да ги научат надлежностите на Град Скопје и да ислушаат внимателно изјавите на затекнатите работници, бидејќи повторно на терен има проблеми со непостапување на МВР.
Во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности на “принцезата на дивограбите” и неговиот ментор, повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште, објави синоќа Арсовска.
„На лице место денес затекнавме работници кои биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетија булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Ова е со цел да ја избегнат одговорноста за нивните криминали“, соопши Градот.
До овој момент ги презеле, како што велат, сите расположливи мерки, изречени се казни, а случајот е пријавен кај надлежните институции да почнат да постапуваат.
Се бара од општина Чаир и Државниот градежен инспекторат веднаш да ги срушат дивоизградените објекти и да ја санираат штетата.
Министерството за внатрешни работи врз досега очигледните докази, да ги утврди сторителите на кривични дела и да поднесе кривични пријави.
Арсовска минатата недела се вклучи во живо од инспекција на нелегален објект во општина Чаир. Таа рече дека објектот се гради без никакви документи, без проект и без одобрение за градба. Ги повика МВР и ЦУК да излезат на терен и да реагираат. Според Арсовска, станува збор за дивоградба од неколку илјади квадратни метри на државно земјиште, а како што рече, изградбата ја дозволил градоначалникот Висар Ганиу. Како што покажува на видеото, објектот се гради на еден метар до станбена зграда, односно пред прозорците на станарите.