Црна хроника
Откриена група што организирала нелегални игри на среќа во Скопје
Вчеравечер и во текот на ноќта, под раководство на јавен обвинител, беше реализирана акција која е резултат на неколкумесечна предистражна постапка поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела поврзани со перење пари и неовластено приредување игри на среќа. Полициски службеници извршија претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје и околината, при што беа пронајдени поголемо количество реквизити за играње на игри на среќа (карти, чипови, професионални маси за покер и друга опрема)и значителен износ парични средства во денари и евра. На една од локациите беа затекнати и 14 лица кои во моментот играле игри на среќа.
Постапувајќи по кривичните пријави, јавниот обвинител донесе nаредби за спроведување на две истражни постапки со кои се опфатени вкупно осум лица.
„Во првата истражна постапка се опфатени шест лица за кои постои основано сомнение дека тие и други НН лица создале група која континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа без поседување лиценца или одобрение од надлежен орган согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри. Групата, од февруари годинава до вчера, со цел стекнување несразмерна имотна корист, организирала игри на среќа на три локации во Скопје. Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на „омаха“, „покер“, „круг“ и „брич“. Игрите се одржувале во точно определени денови, со утврден број играчи и со однапред договорени правила и влогови. Групата поседувала каса за уплата и исплата на играчите и за покривање трошоци за клубот, ангажирале лица за средување на масите, како и лица–играчи кои за надомест ги делеле картите“, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Со овие дејствија осомничените сториле две кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Приредување игри на среќа без лиценца или дозвола“.
Во втората истражна постапка е опфатен еден од осомничените од првата постапка, како и уште две други лица. Тие се сомничат дека се стекнале со противправна имотна корист во износ од 7.583.784 денари, која ја пуштиле во оптек преку примање и преземање парични средства прибавени со кривично дело „Лихварство“. Средствата ги внесувале во готово на свои сметки, примале пари од сметки на трети лица и ги употребувале за купување недвижен имот, за плаќање обврски по кредит за недвижен имот, како и за водење на луксузен начин на живот.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување мерка притвор, јавниот обвинител ќе предложи до судијата на претходна постапка определување на мерка ефективен притвор за седуммина осомничени и мерка куќен притвор за осомничената.
фото/илустрација/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со ловечка пушка се заканувал на вработена во адвокатска канцеларија
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Б.(47) од кичевското село Туин поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.
На 21.01.2026 пред адвокатска канцеларија во Кичево, тој со ловечка пушка се заканувал на вработена во канцеларијата. По преземени мерки, тој бил пронајден и лишен од слобода.
Црна хроника
Го нападнал синот во Струшко
Вчера во 18:30 часот во ОВР Струга било пријавено дека Џ.А. во семејниот дом во струшко село физички го нападнал неговиот син.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
(Фото) Претрес во Гостивар, пронајдена дрога, уапсен 69-годишник
Вчера во 15:30 часот на улицата „Шуматовска“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода 69-годишниот Ј.Џ. од Гостивар.

При преглед кај него и во патничкото возило „фолксваген пасат“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени три пакувања со кафеава прашкаста материја.

Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговата куќа и помошни простории во Гостивар, при што биле пронајдени и одземени три ќеси со кафеава прашкаста материја.

Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

