Топ
Патнички воз удри во автомобил, жена со повреди заврши во болница

Вчера напладне на железничка пруга Велес-Кочани, на патен премин кај селото Лозово, се случи железничка незгода во која патничкиот воз кој сообраќал на релација Скопје-Кочани удри во автомобил со скопски регистарски ознаки, соопшти МВР.
Како што информираат од полицијата, со автомобилот управувала 30-годишната И.Б.од селото Милино, која се здобила со повреди и била пренесена во Општата болница Велес, за укажување на лекарска помош.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Министерството за здравство ја информира јавноста дека, во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C.
По тој повод, Министерството за здравство потсетува за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
– Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
– Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
– Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
– Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
– Посветете внимание на децата, на старите лица, на лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
– Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
– Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
– Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Министерството внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.
Македонија
Обвинето едно лице за насилство врз градоначалничката на Скопје

По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 11 јули, на улицата Севастополска во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводната и на електропреносната мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки.
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрвин по лицето и раката, а потоа со ногата во пределот на левата потколеница. Присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, но тој продолжил и вербално да ја навредува и да ѝ се заканува.
Јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката, беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и на оштетените, како и извршеното препознавање со соочување, се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејства кон нив.
Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неоспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за ова лице.
Македонија
Мицкоски понудил заедничка резолуција со Бугарија за потврда на самобитноста на македонскиот јазик и идентитетот

Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за почнувањето на преговорите со ЕУ се само Бугарите во Уставот, македонската страна предлага да биде поднесена заедничка резолуција во ЕП, со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и на јазикот.
Понудата ја дал премиерот Христијан Мицкоски до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада.
Пратеникот Антонијо Милошоски, говорејќи на темата, рече дека ако пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно да поднесеме резолуција, која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија.
„Понудата која е дадена од премиерот Мицкоски е отворена“, рече Милошоски.
Како што истакна, отворањето на Уставот изгледа дека за многу владини претставници во Софија е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Реалноста, вели Милошоски, е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и на јазикот, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ.
Пратеникот обвини и дека Бугарија сака да спроведе еден историски инженеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет, а за жал, добива помош од претставници на СДСМ.
„Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа сѐ што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку свои настани. Народот јасно може да види кој за што се залага и може да препознае дека СДСМ е демаскиран и дека секој знае оти од страна на нивното раководство постои една спремност да се прифатат какви било дополнителни понижувања и потчинувања на Македонија“, рече Милошоски.
За разлика од тоа, како што додаде, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да ги заштити националните интереси, достоинството на државата, да имаме конструктивен дијалог со секој сосед, па и со Бугарија, базиран на аргументи, но без виткање на ‘рбетот на самата држава.