Топ
Пешак загина во сообраќајна несреќа кај Батинци

Осумдесет и тригодишен пешак од селото Батинци, Скопско загина во сообраќајна несреќа, по удар на автомобил.
Несреќата се случила на крстосницата од регионалниот пат Скопје-ХЕЦ Козјак со улицата „1“ во селото Батинци. Починатиот е маж со иницијали Ф.И., а автомобилот со кој бил удрен го управувал 33-годишник од селото Цветово (А.С.), објави полицијата.
Пешакот загинал од здобиените повреди, а од страна на лекар од Итната медицинска помош била констатирана смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Со телесни повреди се здобил и возачот на автомобилот.
Извршен е увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Свет
ЕУ се согласи да го зголеми времето на доцнење на летовите пред патниците да добијат надомест

ЕУ земјите се согласија да го зголемат времето на доцнење на авионските летови што е потребно за патниците да имаат право на надомест на штета, пишува Гардијан.
Според новите планови, патниците на кратки летови ќе треба да бидат задржани најмалку четири часа за да можат да побараат надомест. За долги летови, доцнењето ќе треба да биде најмалку шест часа. Според сегашните ЕУ правила, патниците можат да бараат надомест ако нивниот лет доцни повеќе од три часа.
Земјите од ЕУ, исто така, се согласија да го зголемат износот на надоместокот за оние што доцнат на летовите на кратки релации од 250 евра на 300 евра, но планираат да го намалат надоместокот за летовите на долги релации од 600 евра на 500 евра.
Измената на правата на патниците во воздушниот сообраќај на ЕУ првично беше предложена во 2013 година од страна на Европската комисија. Потребни беа 12 години преговори за земјите-членки да постигнат договор за промени во временската рамка за надомест, а плановите сè уште треба да се преговараат со Европскиот парламент пред да стапат во сила.
Европската организација за заштита на потрошувачите (BEUC) соопшти дека овој план ќе ги лиши „голем дел од патниците од нивното право на надомест“, бидејќи најголем дел од доцнењата се меѓу два и четири часа.
Индустриското здружение Airlines for Europe (A4E), исто така го осуди планот бидејќи тие бараа времето на доцнење за надомест да биде уште поголемо.
Првичниот план на Европската комисија предвидуваше зголемување на времето за надомест на пет часа за кратки летови и девет часа за долги летови.
Македонија
Невреме во Скопје: паднати дрвја, поплавени улици, заглавени возила кај „Мавровка“

Поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот во Скопје по денешното силно невреме проследено со пороен дожд, град и грмежи. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека нема повредени лица.
ЦУК преку бројот за итни повици 112 прими пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности.

На бул. „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост, има приближно 50 см вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.
Дополнително, пријавено е дека на ул. „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Добиена е пријава и за паднато дрво на ул. „Рузвелтова“, во близина на Сетек, Општина Карпош. Дрвото има блокирано три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента.
Добиена е пријава и за поплавена улица на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.
Дополнително, пристигната е пријава за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.
„По денешното невреме кое ја зафати територијата на државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги активираше своите механизми за следење и координација. Директорот, Мухамет Али, во текот на целиот ден ја следеше ситуацијата и беше во континуирана комуникација со сите надлежни институции, со цел навремено и ефикасно справување со последиците од невремето“, велат од ЦУК.
Според моментално достапните информации, на повеќе локации се евидентирани материјални штети – поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот. Не се пријавени повредени лица.
Од ЦУК велат дека известени се и надлежните служби за водовод и канализација, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.
ЦУК ги повикува сите граѓани да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби, како и навремено да пријавуваат опасни или животозагрозувачки состојби на бројот за итни случаи 112.