Топ
Пијан возач удри и тешко повреди 25-годишна битолчанка во Скопје, полицијата го приведе

Во СВР Скопје синоќа било пријавено дека на улицата „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички, управувано од Н.Н. (48) од Гостивар удрило во Б.Л. (25) од Битола. Утврдено е дека Н.Н возел под дејство на алкохол, по што бил лишен од слобода, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека Б.Л. е пренесена во Клинички центар „Мајка Тереза“, каде и се констатирани тешки телесни повреди.
-Н.Н. е алкотестиран и утврдено е дека возилото го управувал под дејство на 1,35 промили алкохол по што, по наредба на јавен обвинител, е лишен од слобода, а возилото „мерцедес“ е одземено за понатамошна постапка. По документирање на случајот, СВР Скопје ќе поднесе соодветна кривична пријава, се вели во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Орце Ѓориѓиевски и Каја Шукова ќе се борат за Град Скопје и со кандидат од „Влен“, Меџити името ќе го објави следната недела

Коалицијата „Влен“ ќе предложи свој кандидат за градоначалник на Скопје, најави денес првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити. Во коалицијата сѐ уште траат анализите за настап на претстојните локални избори, а засега извесно е само дека ќе го поддржат независниот кандидат за градоначалник на Струга, Менди Ќура.
„Ќе имаме кандидат за Град Скопје. Кој ќе биде и за Чаир и за Скопје и за сите општини предложен од ‘Влен’, ќе биде извесно многу бргу. Досега ‘Влен’ има определено да му даде поддршка на независниот кандидат Менди Ќура за Струга. При крај сме со сите општини со анализите, разговорите, мислам дека наредната недела ќе ги објавиме сите“, рече денес Меџити.
Како што е пракса во плурализмот, односно од деведесеттите наваму, Меџити вели дека и за овие локални избори владините партнери ќе си помагаат исто како што си помага опозицијата.
Кандидатот од „Влен“ за градоначалник на град Скопје ќе се бори со актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, кој е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, и со поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, кандидатка на СДСМ.
Топ
Автомобил удри во велосипедисти од Исланд, учесници на Младинските европски олимписки игри, пренесени се во болница

Вчера попладне во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, атар на село Зубовце, кумановско, патничко возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.Б.(42) од Куманово, удрило во двајца малолетни велосипедисти од Исланд.
Според информациите на МВР тие се учесници на младинските европски олимписки игри, што се одржуваат во нашата земја и кои се подготвувале за денешната велосипедска трка.
Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата велосипедисти, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.
Македонија
Објавен оглас за ангажирање 300 невработени лица за помош на стари лица и лица со попреченост

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја презентира новата мерка од оперативниот план за 2025 година – програмата „Општинско корисна работа“, со која се предвидува ангажман на 300 невработени лица за обезбедување социјални и здравствени услуги на локално ниво.
Програмата не е наменета за комунални работи, туку за директна поддршка на ранливите категории граѓани вклучувајќи стари лица, лица со попреченост, како и деца од социјално загрозени семејства. Предвидените услуги опфаќаат дневна грижа, помош во домашни услови, поддршка за независно живеење, како и образовни и лични асистенти за деца.
Јавниот повик трае до 8 август 2025 година и е наменет за општините и за градот Скопје. Невработените што ќе бидат вклучени ќе добиваат бруто-надоместок од 28.000 денари месечно во период од 18 месеци, со тоа што првите шест месеци ќе бидат финансирани од државата, а преостанатите од локалната самоуправа.
Министерот Дурмиши информира и за зголемување на буџетот за активни мерки за вработување од 16,08 милиони евра на 23,57 милиони евра, како и за зголемениот опфат на корисници – за 815 нови лица во програмите за самовработување.
„Со оваа програма не само што отвораме врати за нови вработувања туку градиме и посолидарно општество. Услугите што ќе ги добиваат ранливите категории се од суштинско значење за нивниот секојдневен живот, а истовремено невработените добиваат шанса за стабилен приход и професионален развој“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.