Топ
Повторно дете нападнало дете во училишен двор во Карпош – случајот е во рацете на полицијата

Мајка од Скопје пријавила во полицијата дека пред два дена, околу 21.40 часот, син ѝ бил нападнат во училиштен двор во скопската населба Карпош.
Според пријавеното, зад нападот стоел друг малолетник со кој претходно се расправале.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
До полицијата вчера стигнала уште едн пријава за насилство во Скопје.
Татко пријавил дека викендов неговиот малолетен син бил нападнат во Центар од едно лице.
Полицискиот билтен речиси секој ден е полн со тепачки помеѓу врсници, што неретко се случуваат во училишните дворови.
По тој повод, пред два дена министерот за образование, Јетон Шаќири, рече дека врсничкото насилство не е одговорност само на Министерството за образование и наука, туку сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава.
Министерот препорача Бирото за образование и наука да продолжи со обуки на наставниците на таа тема, а општините да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата. Ги повика и родителите на добра соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија под топлотен бран, температурите до 38 степени

Македонија денеска е под влијание на топол воздушен бран што носи високи температури и претежно сончево време. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и премногу топол, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Температурите ќе се движат од 9 до 19 степени во утринските часови, додека максималните дневни ќе достигнат од 30 до дури 38 степени Целзиусови.
Во Скопје исто така се очекува тропско време. Сончево и топло време со мала облачност ќе го обележи денот, а максималната температура ќе се искачи до 38 степени. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови ќе се задржи слична временска состојба, сончево и топло со мала до умерена облачност, што значи дека тропскиот бран ќе продолжи и понатаму.
Македонија
Ангелов: Најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција

Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена. Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожартот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар беше многу тешко да се стави под контрола, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, бидејќи е раширен на поголема територија, претставува опасност да ги зафати и околните шуми.
-Во соработка со колегите од грчка страна кои понудија поддршка од два канадери го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС, затоа што вториот предмалку слета во Скопје, рече Ангелов.
Информира дека предмалку избил нов пожар на територија на Крива Паланка во близина на местото каде беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.
Македонија
Обезбедување од МВР ќе ја чува Данела Арсовска 24 часа

Министерството за внатрешни работи информира дека по вчерашниот инцидент во Општина Чаир, врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за определување 24-часовни мерки за обезбедување на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
– Градоначалничката во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. МВР останува посветено на својата основна мисија да обезбеди сигурност и заштита за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот општествен или институционален статус. Министерството постапува согласно своите законски надлежности, темелно и професионално, во секој поединечен случај, се вели во соопштението.
Во однос на последните настани поврзани со Арсовска, МВР посочува дека и покрај тоа што таа во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, институцијата постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури.
Од МВР информираат хронолошки за досегашните настани. На 1 јуни 2025 година Арсовска била изложена на закана од возило во движење. Иако, како што наведуваат, нејзината првична реакција не вклучувала информирање на МВР, полицијата веднаш постапи по сопствени оперативни сознанија, обезбедувајќи материјални докази. Веќе е поднесена кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик против едно лице.
На 2 јули 2025 година, градоначалничката преку социјалните мрежи пријавила закана од лице за кое беше посочено дека е полициски службеник. На 3 јули 2025 година, инспектори од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди извршија службена посета на Град Скопје, утврдија фактичка состојба и земаа изјава од градоначалничката, при што беше сочинет соодветен записник. Против пријавениот полициски службеник е поведена дисциплинска постапка.
– На 5 јули 2025 година, во јавноста беа објавени информации за закани упатени кон советничката Ирена Витина. Веќе на 8 јули 2025 година, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди воспостави контакт со советничката и иако таа одби да дојде во полициска станица, службени лица повторно извршија теренска посета. И овој случај се работи согласно пропишаните процедури, се вели во соопштението.
Од МВР посочуваат дека вчера, по инцидентот во Општина Чаир, Арсовска по укажаната лекарска помош се упатила во полициска станица, а исто така веднаш биле приведени и лицата кои биле посочени дека ја нападнале.
– Сепак, градоначалничката одби да потпише записник за примање на пријава и ги напушти просториите на полициската станица. Во јавноста повторно се обрати исклучиво преку социјалните мрежи, без да ги информира надлежните институции на соодветен начин. Во меѓувреме МВР во текот на денешниот ден поднесе кривична пријава против две лица С..Љ и С.Љ по член 386 став 3 од КЗ, за вчерашниот инцидент за нападот на градоначалничката Арсовска. Имајќи го предвид сето горенаведено, Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла сите обвинувања дека не постапува во случаите поврзани со Арсовска. Напротив, МВР професионално делува во секој поединечен случај, со целосна институционална транспарентност и во рамки на законски пропишаните овластувања, се вели во соопштението.
Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, како што се наведува, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски.
Министерството уште еднаш апелира сите јавни функционери да соработуваат со институциите на системот и да не ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, туку најпрво да се обратат до надлежните органи, со цел навремено и ефикасно постапување.