Црна хроника
Поднесено обвинение за убиство во село Мојанце
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело убиство од чл. 123 ст.1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 18.08.2019 година, во селото Мојанце, Арачиново, со употреба на огнено оружје со калибар од 7,62Х25мм, со умисла го лишил од живот оштетениот Зилбехар Ајвази. На критичниот ден најпрвин дошло до вербална и физичка расправија меѓу братот на сега починатиот и таткото на обвинетиот, кои се расправале за местото за напасување на добитокот. Таткото на обвинетиот притоа се здобил со телесни повреди и за настанот ги известил своите синови.
Обвинетиот, заедно со уште едно непознато лице, со автомобил „фолксваген голф“ 3 се упатиле кон куќата на семејството Ајвази. Кога стигнале таму, обвинетиот преку отворениот прозорец на совозачкото седиште на автомобилот испукал два куршума во правец на сега починатиот Зилбехар и го погодил во десната страна на градниот кош, нанесувајќи му тешка телесна повреда – устрелна рана. Куршумот повредил повеќе витални органи. Оштетениот бил хоспитализиран во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“– Скопје, каде му била извршена хируршка интервенција. На 09.09.2019 година настанало влошување на неговата општа состојба поради обилно крвавење во стомачната празнина и оштетениот починал.
Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице. Притоа, обвинителот особено го ценеше фактот што непосредно по настанот осомничениот веднаш станал недостапен на органите на прогонот, по него била распишана потерница, а кога бил затекнат при претрес на неговиот дом, дал лажни податоци за сопствениот идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
10-годишно девојче тешко повредено од заталкан куршум во Глумово
Десетгодишно девојче од скопското село Глумово вчера било повредено од заталкан куршум. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што е пренесено, лекар констатирал тешки телесни повреди во пределот на ногата.
За случајот, кој бил пријавен вчера околу 16 часот во СВР Скопје, денеска информира Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.
-На 31.01.2026 околу 16:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во двор од куќа во с.Глумово, Скопско, од заталкано зрно било повредено 10-годишно девојче, во пределот на ногата, по што било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде од страна на лекар констатирани му биле тешки телесни повреди, информира МВР.
Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Охриѓанец приведен откако со дрвен предмет и нож нападнал сограѓанин
Полициски службеници од СВР Охрид синоќа, на 31 јануари 2026 година во 23:20 часот, го лишиле од слобода Г.А. (49) од Охрид, по пријава за насилен инцидент што се случил на улицата „Марко Нестороски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот најпрвин со дрвен предмет го нападнал Р.С. (40) од Охрид, по што извадил нож и замавнал кон него. Со брза интервенција на полицијата, напаѓачот бил приведен, со цел спречување на понатамошна ескалација на насилството.
По целосно документирање на настанот, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, согласно законските прописи.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.

