Топ
Пожар во стан во Тетово – еден тешко повреден, десетина затруени

Еден маж е потешко повреден со изгореници, а 10 лица се затруени од чад, во пожарот што се случи денеска во стан во зграда на улицата „Димо Гавровски Кара“ во Тетово.
Тешко повредениот е пренесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Од Клиничката болница Тетово информираа дека кај повредениот маж имало изгореници од 4 степен, додека заструените од чадот се во лесна состојба. Тие биле примени во интерно одделение, а потоа пуштени на домашно лекување.
Експлозијата најверојатно ја предизвикала плинска боца. На терен интервенирале 10 пожарникари и три возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Митрески: СДСМ нема да учествува во гласањето за интерпелацијата на обвинителот Коцевски

Интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици и СДСМ нема да учествува во гласањето, одлуката е на обвинителот, изјави пратеникот од СДСМ, Јован Митрески.
„Иако нашиот став претходно беше дека ставот во однос на интерпелацијата за работата на Јавниот обвинител ќе го соопштиме од собраниската говорница сепак поради неразумните и нелогични одложувања на седницата со неразумни и нелогични барања на паузи а и поради вашиот голем интерес решивме тоа да го направиме на оваа прес конференција. Интерпелацијата во принцип значи барање политичка одговорност а овде зборуваме за човек од третата власт. Третата власт или судската власт која по Устав треба да биде независна. Тоа од една страна. Од втора страна тоа може но и не мора да има правни последици. Дали ќе има правни последици зависи од самиот обвинител, од самиот функционер. Во овој случај од самиот обвинител, дали ќе поднесе оставка или не“, рече тој.
Митрески додаде дека ако точката на дневен ред била одлука за разрешување тогаш можело да се отвори дебата дали се задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, секако низ соодветно пропишана процедура.
„Како пратеничка група на СДСМ и Коалицијата остануваме на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се послобото на законот и никако поинакви“, рече пратеникот.
Во врска со истрагата за Кочани, Митрески рече дека Мицкоски кажал е задоволен од тоа како се води истрагата.
„Знаете дека премиерот Мицкоски зборуваше дека треба да се смени Јавниот обвинител и дека, цитирам, таа процедура е тргната и нема сопирање. После трагичниот настан во Кочани знаете дека има промена на изјавата односно дека нема да има разрешување се додека не заврши истрагата. Со тоа што премиерот Мицковски отиде и чекор понатака кажа дека е задоволен од тоа како се води истрагата. Затоа со ова нивна одлука која што денес ја слушнавме на прес-конференција се отвораат прашања кои се легитими, меѓутоа јавноста за тоа ќе добие одговор во следниот период. Се поставува прашањето дали премиерот Мицковски е задоволен од истрагата, бидејќи нема одговор до денес, од тогаш кога во истрагата не се опфатени началниците на Тошковски“,рече Митрески.
Македонија
Кривична пријава за градоначалникот на Кичево – дозволил дива депонија во населена зона во градот

Полицијата поднесе кривична пријава против градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата “ и „загрозување на животната средина и природата со отпад “.
Според информациите од СВР-Охрид, тој, постапувајќи несовесно при извршување на своите законски обврски и не вршење должен надзор, од 2020 година, дозволил да биде формирана дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево.
Дехари давал задолженија на вработени секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи, односно со нив да постапуваат на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на луѓето или животните и растенијата со што го загрозил нивниот опстанок.
Македонија
(Видео) Лефков: Шоферот на Заев уапсен за подметнување пожар во Струмица

Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар, изјави Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, додаде тој, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност?
„Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашањето не само дали, туку колкумина се дел од организирана структура и мрежа на пиромани“, праша Лефков.
Тој го повика Филипче, ако не стои заедно со Заев зад потпалувањето на пожарите, јавно да се откаже од него, наместо да биде негов потрчко и извршител.
Лефков рече дека според информации на партијата шоферот на Заев подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
„Ова е доказ дека пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата. Крајната цел како што кажавме веќе била да се обвинат институциите дека не можат да се справат со пожарите“, рече Лефков.
Тој ги повика институциите да го казнат со најстрога казна шоферот на Заев, но во исто време да истражат до каде води линијата на наредба.
„Очекуваме од јавното обвинителство да не го штити шоферот на Заев. Одговорност мора да има, како за потпалувачите на пожарите, така и за нивните политички ментори“, рече Лефков.