Топ
Почината жена пронајдена во нејзиниот дом во Струга

Вчера вo 17.10 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека во домот во кој живеела во Струга била пронајдена почината П.А.(73) од Струга.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство.
Увид извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга, соопшти полицијата.
По наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за изјавите дека УЧК имала праведна борба: Не може убиства од заседа да се праведна борба, нека не се игра на картите на ДУИ за поделби

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во текот на денешната посета на општина Петровец, на новинарско прашање беше запрашан за коментар на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за оправданата и разумна борба на ОНА во Македонија во текот на конфликтот во 2001 година.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана.
Но повторно ќе кажам, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно законот за правична застапеност, којшто е во Венецијанската Комисија, тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад“, одговори Мицкоски.
Премиерот посочи дека суштината е да се работи на полето на носење на инвестиции со цел државата да се направи подобро место за живеење на сите граѓани.
„Ова е оската околу која треба да се обединиме. Ќе повторам, да ги оставиме политичарите коишто делеа во минатото. Тие немаат тема на иднината. Тие не знаат што е иднина. Тие се заглавени во сопствената матрица на минатото. Погледнете, 14-15 месеци опозиција, единствената порака која доаѓа од ДУИ, заедно со коалиционите партнери СДСМ и Левица, е токму тоа, поделба. Затоа апелирам до сите да се воздржиме од било какви теми коишто не враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината. Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството“, заклучи премиерот.
Македонија
(Видео) „Началникот од Демир Хисар, кој недолично се однесувал кон друго лице, веќе е разрешен, нема штитење поединци“, вели Манасиевски

„Моралот и принципите се спроведуваат на дело. Нема веќе штитење на поединци затоа што биле блиски до една, друга или трета политичка партија. Прекршоците сега се казнуваат, а предметите не стојат по фиоки“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Началникот од Демир Хисар кој недолично се однесувал кон друго лице, веќе е разрешен, а кон него е поднесена и дисциплинска постапка од страна на МВР. Ова е јасен доказ дека нашиот пристап е чесен и без отстапки.
Но да не заборавиме. Овој пристап не беше во времето на Заев, Спасовски и Ахмети. Тогаш се апсеа само политичари кои беа спротивно на СДС и ДУИ. И тоа се апсеа пред нивните деца во раните утрински часови, се влегуваше дома без судска дозвола и се вршеше политички терор врз семејствата на притворените.
Гордана Јанкуловска беше во затвор за “Мерцедесот” кој го гребеа мачки и Заев после го возеше, Миле Јанакиески беше притворан десетици пати за некој да си ги задоволи своите желби и да се дефокусира јавноста, а Спиро Ристовски, беше тепан во затворот и останатите затвореници се изживуваа врз него.
Тоа беа времиња кога Заев, Спасовски и Ахмети ширеа омраза и злоупотреба на институциите. Кога секој еден кој не беше член на СДС и ДУИ, беше политички прогонуван.
Тоа време заврши. Нема веќе како до сега. Денес, секој што ќе згреши, ќе одговара, без разлика на функцијата и без партиска заштита. Правдата ќе биде задоволена!“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Пожарот во атарот на селото Долно Дупени ставен под целосна контрола

Пожарот во атарот на село Долно Дупени, во близина на Преспанско езеро, со дејство на екипи на ТППЕ Ресен и Национални Шуми, е ставен под целосна контрола. Екипите патролираат а по потреба и дејствуваат за да се спречи негово реактивирање, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот на територијата на ловиштето Јасен е се уште активен. Екипи на Јасен и Национални Шуми се излезени на терен но поради непристапност на теренот не се во можност да дејствуваат.
Утрово дејствуваа два полициски хеликоптери но поради силниот ветар ефектот беше намален. Кон пожарот се упатија два ер трактори на ДЗС. Превентивно се упатуваат и три пинцгауери на ДЗС како и 25 припадници на МВР, додаде Ангелов.