Топ
Загина 60-годишен маж од Струмица, со товарното возило излетал од патот

Вчера, околу 14.30 часот, во СВР Струмица било пријавено дека околу 14 часот на регионалниот пат Р 1401 Струмица – Валандово, товарно возило „мерцедес“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Р. Р. (60) од Струмица излетало од патот.
Од добиените повреди починал возачот Р. Р., а смрт констатирал лекар од Медицинскиот центар во Валандово.
Увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа на Полициската станица Валандово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лекари од кај нас ќе одат на краток престој за обуки и во Италија и во Австрија, за Словенија веќе се дефинира соработката

Лекари од кај нас ќе одат на обуки и во Италија и во Австрија покрај Словенија за каде што веќе се подготвува договорот за соработка, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. На ваков начин ќе се надоместува недостигот од кадар во јавното здравство, а истовремено ќе се подготви национална стратегија за покривање на јавното здравство со кадар за наредните 10 години. Превидено е наши лекари да одат на обуки во земјите со кои ќе се соработува за кадар, а лекари од таму да доаѓаат да лекуваат на нашите клиники.
„Освен со Словенија, преговараме и со Италија и со Австрија. Работиме на наоѓање можност за соработка со земји со кои веќе имаме некаков вид соработка од клиничка гледна точка, тие да доаѓаат тука или нашите доктори да одат за обуки таму, но исто така и од административна гледна точка гледаме дека многу полесно можеме да комуницираме со земји што имаат сличен здравствен систем. Освен со Словенија, за која веќе се дефинира текстот, најавувам дека сличен пристап ќе имаме и за соработка и со Австрија и со Италија“, вели министерот Алиу.
Освен оваа соработка, министерот Алиу ќе им понуди на нашите експерти што работат надвор од нашата држава со помош на дигитализацијата да бидат активно вклучени во системот за здравствената заштита. На тој начин министерот Алиу смета дека пациентите ќе бидат услужени и ќе бидат во сигурни раце.
Македонија
(Видео) Костовски и оваа изборна кампања ветува поликлиника во Бутел: За два месеца, ќе почне да се гради, за 18 месеци ќе да биде завршена

За два месеца, ќе биде поставен камен-темелник за нова поликлиника во Бутел, а ќе биде изградена за 18 месеци, најавија денес градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, и министерот за здравство, Азир Алиу. Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Градоначалникот Костовски денешната прес-конференција рече дека има историски контекст оти се материјализира она што е најбарано од жителите на Бутел и околината.
„Станува збор за модерна поликлиника. Ќе се простира на приближно 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и во однос на примарното и во однос на секундарното здравство. Тендерската постапка очекуваме да трае околу еден месец. Кога ќе заврши тендерската постапка, кога ќе биде избрана фирмата, веднаш ќе бидат удрени темелите. Тоа очекувам да биде не повеќе од два месеца од сега. Во условите за градба предвидено е градењето да трае 18 месеци, сигурен сум дека ќе стигне во тој рок. Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната, која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари, кои во моментот работат таму, ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече градоначалникот Костовски.
Иако тендерот го најавува на почеток на изборната кампања, Костовски уверува дека нема законски пречки да се распише оти поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел, која го предвиде новиот објект во детаљниот урбанистички план и обезбеди проектна документација за него.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостиг на кадар во јавните здравствени установи, тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри, кои ќе даваат услуги и од примарното и од секундарното здравство во оваа установа, а за тоа ќе извести на посебна прес-конференција.
Поликлиника во Бутел на местото на амбулантата се ветува на секои избори последниве триесет години. Таа беше предизборно ветување на сегашниот градоначалник Костовски и на минатите избори кога уверуваше дека ако стане градоначалник, додека се изгради нов објект на местото на пластичните контејнери, во кои е сместена амбулантата, тој ќе им ја отстапи општинската зграда. Тоа не го направи, но денес рече дека интензивно работеле на проектот со тоа што лани во февруари едногласно во Советот го изгласале урбанистичкиот план, обезбедиле проект и успеале да договорат соработка со централната власт за да може тој да се реализира.
Македонија
(Видео) Редиците пред шалтерите треба да бидат минато, целта ни е да станеме центар на дигитални иновации во регионот, најави Мицкоски

Живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, истакна премиерот Христијан Мицкоски од дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, кој се одржува во Скопје.
Регионот, како што рече, покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од европската дигитална деценија.
„Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи што патуваат од канцеларија до канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги што треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато.
Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние што имаат пристап и оние што се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може бргу да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој“.
Според него, со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена.
„Затоа нашата цел е јасна: да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти. Но, да не заборавиме – дигитализацијата не е за машините, таа е за луѓето“.
Нашата визија, оценува Мицкоски, е држава што ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот најави дека сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн.
„Секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини – ученици кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер-безбедност, што ќе гарантира доверба во дигиталното општество.
Со дигитализацијата стануваме земја што ќе биде конкурентна со другите земји во Европа и со регионот, во кој заедно ќе чекориме напред“.