Црна хроника
Прегазил човек на улица и побегнал, па го исчистил возилото за да ги прикрие трагите
Дваесет и деветгодишен скопјанец прегазил пешак на улица и наместо да му укаже помош тој побегнал од местото на несреќата. Во периодот до неговото пронаоѓање и приведување, осомничениот го измил возилото за да ги прикрие трагите.
„ На 30 јули околу 1 часот по полноќ, на улицата „Алија Авдовиќ“ во Скопје, осомничениот управувал патничко моторно возило Ауди А3 со скопски регистарски ознаки, но без важечка сообраќајна дозвола. Кога се приближил до крстосница која не е регулирана со сообраќајни знаци, не ја приспособил брзината на возилото на условите на патот и не возел со зголемена претпазливост, па со предниот лев страничен дел од возилото удрил во пешакот Азем Асипи. Од ударот, оштетениот се добил со телесни повреди, а осомничениот наместо да му укаже помош, веднаш го напуштил местото на настанот. Повредениот со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната лекарска помош им подлегнал на повредите еден час подоцна. Во периодот од случување на сообраќајната несреќа до неговото пронаоѓање и лишување од слобода, осомничениот го променил ветробранското стакло на автомобилот и го измил возилото за да ги прикрие трагите“ соопшти обвинителството.
Имајќи го предвид однесувањето на осомничениот по настанот, јавниот обвинител оцени дека јасно постои опасност тој да се крие и да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притовр за осомниченото лице.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против него за кривичните дела – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Возач фатен со 1,99 промили алкохол во крвта и активна забрана за управување возило
Вчера во 21:10 часот на автопатот Куманово-Велес, кај клучка Аеродром во Скопје, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи го лишија од слобода Т.А(54) од Велес.
Имено, при контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „ланчиа“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал Т.А. и по преземени мерки и извршен алкотест било констатирано дека возачот е под дејство на алкохол, односно дека управува моторно возило со 1,99 промили алкохол во крвта и дека имал активна забрана за управување возило.
Лицето од страна на полициските службеници е лишено од слобода и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Пријавени тепачки во Шуто Оризари
Во СВР Скопје било пријавено дека на 24.02.2026 година на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија помеѓу двајца малолетници, повеќе лица физички нападнале еден од малолетниците.
Според пријавата, во инцидентот учествувале М.Х. (22), И.Х. (23) и Р.Х. (46).
Подоцна било пријавено и нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.З. (54) и Р.З. (36) од една страна, и М.Х. и И.Х. од друга страна, сите од Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

