Црна хроника
Пресечен меѓународен канал за недозволена трговија со синтетички дроги
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија со дрога подолг период врши истраги поврзани со недозволена трговија со синтетички дроги кои дилерите на дрога во нашата држава ги набавуваат преку користење на интернет-платформата „Даркнет“. На ова поле, преку одличната меѓународна полициска соработка со германската сојузна царинска служба ЦКА и германската БКА, како и беспрекорната соработка со Царинската управа на РСМ, со поддршка на ,,ИПА 2019 – Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ реализираше случај на недозволена трговија со амфетамин во Република Северна Македонија.
Преку директна комуникација и соработка на ОСОСК – ЕНТД со ЦКА и БКА од СР Германија и помеѓу ОЈО Скопје и Јавното обвинителство од Франкфурт – СР Германија е добиено сознание за поштенски пратки со наркотични дроги кои пристигаат во нашата држава, а за кои постојат основи на сомнение дека континуирано биле нарачувани и плаќани преку ,,Даркнет“ со криптовалути. Притоа, ОСОСК со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во заедничка синхронизирана и координирана операција со германските партнери, Царинската управа и Граничната полиција, на 15.9.2022 година приведе две лица од Скопје, кои во изминатиот период нарачувале амфетамин и други видови синтетички дроги кои пристигнувале сокриени во разни видови поштенски пратки. За време на претресите во домовите на двете лица врз основа на наредби од Основен кривичен суд – Скопје, покрај една поштенска пратка со амфетамин, ОСОСК – ЕНТД пронајде и одредени количини марихуана, гасен пиштол и компјутерска опрема, за која постои сомнение дека се користела за нарачки на дрога. Во координација со ОЈО Скопје, денеска ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело недозволена трговија со наркотична дрога, психоактивни супстанци и прекурсори, предвидено во член 215 од КЗ.
ОСОСК – ЕНТД продолжува со борбата против организираните облици на недозволена трговија со дрога во соработка со сите странски фактори и Јавните обвинителства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

