Топ
Претрес во Скопје, запленета дрога, приведен дилер

Вчера, околу 13.30 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија, во содејство со Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, на подрачјето на скопската населба Автокоманда го лишија од слобода Д. Т. од Скопје. Со употреба на службено куче од Единицата за службени кучиња во две подрумски простории во зграда во Автокоманда што ги користел Д. Т. била откриена дрога, извести МВР.
„Пронајдени се пет пакувања марихуана со вкупна количина од речиси еден килограм и една тегла, во која имало околу 100 грама амфетамин, како и дигитална вага и опрема за изготвување мали пакувања за улична продажба“, соопшти МВР.
По документирање на случајот, до надлежното ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава за извршено кривично дело по член 215 од КЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршува времето кога источниот сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари, за да овие му даваат подароци во форма на национални отстапки врз грбот на македонскиот народ

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Радовиш, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше на темата за состојбата со правосудниот систем во земјата. Според него, правосудството е слуга на политичките елити од минатата власт и истите остануваат неказнети, затоа што нивната заштита не е правдата, туку, како што вели тој, неправедниот систем, корупцијата, непотизмот, и врските кои тие ги направија во судството и обвинителството. Од друга страна, нервозата на оние кои се нафатиле да бидат слуги, според Мицкоски, не е затоа што јавноста им бара резултати, туку поради тоа што сега ќе мораат да дадат извештај за тоа како работеле и зошто немаат резултати.
„Објаснувањето за 2% доверба ќе го видите токму во потеклото на овие судии кои се или од СДСМ или од ДУИ. Но, иако се нервозни, иако на секое мое кажување на вистината за судството тие реагираат и паничат како да е загрозена нивната независност, треба да знаат и тие и нивните газди политичари дека доаѓа денот кога мора да се понесе одговорност “, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека нервозата е исто така присутна кај лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
„И затоа е нервозата е сè поприсутна кај претседателот на СДСМ, и затоа се тие негови нервозни реакции пред камерите и на митинзите, затоа што знаат дека ќе се соочат со одговорност и дека тоа нема врска со тоа кој на чија опција припаѓа, туку единствено има врска со криминалот кој што го правеа 7 години додека здружно беа влада со ДУИ “, кажа Мицкоски и додаде:
„И затоа се спремни на трикови, подземни игри и нечесни коалиции. Знаат, подготвени се да се сојузат и со црниот ѓавол само за да си ги спасат кариерите. И донекаде можам да ја сфатам играта на претседателот на СДСМ, која не е негова, туку со сите сили се труди да игра за да го спаси неговиот ментор, неговиот гуру“.
Мицкоски истакна дека истиот тој Филипче, се обидува да го брани неодбранливото.
„И можам да кажам, човекот навистина вложува многу енергија, се труди од петни жили, го брани неодбранливото, но треба да биде свесен дека секоја негова игра е прозирна и се гледа од месечината, каде јасно се гледа дека ова не е трка и борба за победа на СДСМ, туку трка и борба да си ја спасат сопствената кожа. Зошто? Ако беше поинаку, кога ќе ги видевте осојузени на едно место, на купче Венко, Димче, Али и Стевчо. Ете така, овие неславни ликови народот ќе ги порази исто така на купче на 19 октомври“, истакна Мицкоски.
Мицкоски на крај додаде дека времето кога бугарски премиер финансираше македонски политичари, а тие му испорачуваа компромиси на грбот на народот за национални прашања заврши.
„Завршува нивното време. Завршува времето кога источниот наш сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари, за да овие му даваат подароци во форма на национални отстапки врз грбот на македонскиот народ, а завршува времето на предавства, почнува времето на достоинствена политика, на факти, аргументи, исправен ‘рбет и резултати. Само така Македонија и сите заедно ќе победиме “, вели Мицкоски.
Македонија
Филипче: Се бориме за 500 евра минимална плата и достоинство за секој работник

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Пехчево од каде порача дека борбата на овие избори не е само локална, ниту само политичка, туку е економска и борба за достоинство.
„Се бориме за 500 евра минимална плата на работниците. За правото на човекот да живее чесно од сопствената плата да може да оди во маркет, да ги обезбеди децата, да го обезбеди семејството. Се бориме за правда, за достоинство и за надеж“, рече Филипче.
Тој, исто така, оттаму испрати порака дека „Пехчево е уште еден град од многуте каде нема инвестиции, нема горди граѓани“. Пред граѓаните на Пехчево, Филипче зборуваше за „лажното лице на власта и нивната двојна страна како власт и опозиција“.
„Го слушам премиерот Мицкоски оди по митинзи и зборува како да сме лани, како да е се уште во опозиција. Не обвинуваа лани за криминални тендери за перење пари, за несоодветни теми кога пред неколку недели неговата влада, неговите луѓе потпишуваат договори со истите тие фирми за коишто не обвинуваа. Се што сега очекував е пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ да излезе на прес-конференција во Белата палата и да го нарече неговиот премиер криминалец. Ете тоа е нивното лицемерие“, рече Филипче и додаде дека „ароганцијата на ВМРО-ДПМНЕ мора да запре, затоа што нема светла иднина со лаги“.
Свет
Трамп: Хамас ќе се соочи со тотално уништување ако не се согласи со планот за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас ќе се соочи со „тотално уништување“ ако одбие да ја предаде власта и контролата врз Газа.
„Тотално уништување!“ , рече Трамп за Си-Ен-Ен, кога го прашаа што ќе се случи со планот за прекин на огнот од 20 точки на Белата куќа ако Хамас инсистира да остане на власт.
На прашањето дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржува прекинувањето на бомбардирањето на Газа и пошироката визија за САД, Трамп за Си-Ен-Ен изјави: „Да, Биби е за“.
Американскиот лидер додаде дека наскоро ќе се знае дали Хамас е навистина посветен на мирот.
– Ќе дознаеме. Само времето ќе покаже – одговори Трамп.
Овде прочитајте што содржи планот на Трамп за прекин на војната во Газа составен од 20 точки.