Црна хроника
Приведени тројца крадци од Скопје, пронајдени пиштол, муниција и предмети од извршени кривични дела
Денеска, во периодот од 5:40 до 6:30 часот, на подрачјата на ЕВР Центар и Бит Пазар и ЕВР Чаир, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Ш.(40), Ф.В.(26) и В.Р.(20), сите од Скопје. Тие се сомничат дека извршиле повеќе кривични дела тешка кражба во куќи, станови и правни лица на подрачјето на Скопје.
По наредба на судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, полициски службеници од СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција при МВР извршиле претреси на пет локации во Скопје.
При претрес во домот на А.Ш. биле пронајдени и одземени пиштол „глок 19“ со четири рамки и 33 куршуми калибар 9мм, ремен од автоматска пушка, ласерски нишан за пиштол и други предмети поврзани со кривичните дела. Додека при претреси во домовите на Ф.В. и В.Р. биле пронајдени и одземени повеќе часовници од познати брендови и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичните дела.
Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави по член 236 и член 396 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец ја истепал поранешната партнерка и насилно ја исфлил од автомобилот
Скопското Обвинителство поведе постапка против едно лице за телесна повреда.
„Осомничениот на 4 јануари, при испад на љубомора, ја навредувал и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка, удирајќи ја повеќе пати по главата и телото, а потоа насилно ја исфрлил од својот автомобил, туркајќи ја на бетонот помеѓу столбчињата поставени на коловозната лента“, соопшти Обвинителството.
Случаен минувач го пријавил настанот во полиција, а оштетената била пренесена во болница за укажување на лекарска помош.
Јавниот обвинител предложи од судијата на претходна постапка да определи мерка на претпазливост – забрана за приближување и остварување каков било контакт со оштетената во текот на постапката.
Црна хроника
Државјанки на Бугарија осомничени за кражба на банкарски картички и паричници во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две државјанки на Република Бугарија за кои постои основано сомнение дека вршеле повеќе кривични дела – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
Првата осомничена во пет наврати, од кои последниот пат заедно со второосомничената, од различни лица крадела паричници, во кои покрај парични средства имало и банкарски картички од кои потоа се обидувале да повлечат и дополнителни износи.
Така на 04.04.2025 година, во автобус бр.7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник во кој имало 2.600 денари, банкарска картичка и други документи, а кога оштетениот се јавил да ја блокира сметката од банка му кажале дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари.
Во текот на август 2025, во трговски центар во Скопје, три пати вршела кражби на паричници во кои имало документи, картички, пари и други вредни предмети со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште пари, што кај една оштетена и успеало и од банкомат на два пати и повлекла од сметката вкупно 60.000 денари.
Последниот пат на 04.01.2026 година двете осомничени заедно, повторно во продажен објект на трговски центар, украле паричник од оштетена и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари, а потоа два пати неуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената.
Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. За осомничените странски државјанки предложена е мерка притвор.
Фото: unsplash
Топ
Лажен лекар измамил 77-годишна штипјанка за сума од 700.000 денари
Вчера во 16:30 часот во СВР Штип, 77-годишна жена од Штип пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 700.000 денари.
Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето ѝ се јавило, се претставило како лекар и ја известило дека нејзината сестра била во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки.
Како што е пријавено, лицето ѝ ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однела на договореното место. Исто така, според пријавеното, подоцна во нејзиниот дом дошла нејзината внука и заедно ја контактирале нејзината сестра, при што сфатила дека била измамена.
Се преземаат мерки за проаноѓање на сторителот и за расчистување на случајот.

