Топ
Приведен раководител во општина Маврово Ростуше: побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење апартмани

Вчера, полициски службеници го лишиле од слобода С.Е., раководител на Одделението на урбанизам и комунални дејности при општина Маврово Ростуше. Тој бил фатен во угостителски објект во Скопје при примање поткуп. Имено, тој побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати.
Лицето е лишено од слобода при исплата на парите од првата рата во објектот во Скопје, откако биле претходно криминалистичко – технички обработени.
Исто така, бил извршен претрес на лицето и службеното возило и биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ за 4 години локална власт ги разочара граѓаните со хаосот и корупцијата во општините

Почетокот на четиригодишниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво се оцени како период на разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос и раст на трошоците за граѓаните, велат од СДСМ.
„Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Наместо развој и проекти, донесоа само тендерски скандали и партиски злоупотреби на народните пари“, истакнаа од СДСМ.
Според партијата, низ општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се испумпувале пари преку фирми блиски до власта, додека јавноста добила сведоштва за неприродни тендерски процедури каде што едни исти компании редовно се јавуваат како единствени понудувачи.
„Наместо да се подобри животот на граѓаните, тие воведоа поскапи сметки за вода, канализација и смет, како и повисок данок на промет. Општините Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Гевгелија, Велес и други бележат значително поскапување на трошоците за граѓаните“, посочуваат од СДСМ.
Главниот град Скопје, според СДСМ, е симбол на урбана деградација: нечисти улици, хаос во јавниот превоз, нефункционални јавни претпријатија, над 150 незаконски дивоградби и узурпиран јавен простор.
„Клучното ветување за бесплатен градски превоз никогаш не се реализираше. Нема ниту 250 еколошки автобуси, ниту модерен транспорт“, велат од партијата.
СДСМ ја оцени локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како неспособна, корумпирана и целосно оддалечена од потребите на граѓаните, додека локалните избори ги сметаат за шанса за „враќање на општините во служба на народот“.
„Локалните избори се шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување, хаосот, нереализираните ветувања и криминалот“, велат од партијата.
Македонија
Мицкоски на саемот „Четири години работа за тебе“: Делата, а не зборовите ја покажуваат вредноста

На денешниот настан „Саем-Отчет“ под мотото „4 години работа за тебе“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање пред присутните, истакнувајќи ја важноста на отчетноста и реализираните проекти во изминатите четири години.
„Честта е огромна да се присуствува на политичкиот саем кој е одговор на прашањето што работеа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во последните четири години. Тоа за нас претставува и одговорна одговорност, затоа што не бегаме од сите наши решенија, од целата наша работа и од проектите кои ги направивме изминатите четири години“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека вредноста на една личност не се состои од зборовите, туку од делата, не од памфлетите, туку од енергијата вложена за постигнување на успех.
„Образот и честта се најскапата работа која може да се задржи и за која нема манипулации, лажења ниту неискрен однос. Поважно од сè е стоечки исправено со гордо крената глава да кажеме дека поминавме низ еден тежок период, каде во исто време ги вадевме општините од бездната во која беа, последно долгогодишно запоставување, и решававме проблеми на граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека во текот на тие четири години, три години секој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата работел со централна Влада која немала слух и имала други приоритети, кои не вклучувале локалните проблеми на граѓаните.
„Програмата која ја ветивме, во најголем дел, вие ја остваривте“, потенцира Мицкоски во обраќањето на Саем-Отчет.
На настанот присутните имаа можност да видат и детални прикази на проекти и реализирани активности на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изминатите четири години, како дел од транспарентноста и отчетноста пред граѓаните.
Топ
Крвава драма во Битола: Со нож го повредил братот на поранешната сопруга, па ја нападна и неа

30-годишен маж од битолското село Лера е уапсен откако со остар предмет нападнал млад битолчанец и ја претепал својата поранешна сопруга. Инцидентот се случил синоќа околу 21:40 часот во Битола, соопшти СВР Битола.
Според информациите, осомничениот Џ.Р. (30) најпрво во пекарница во градот физички го нападнал 25-годишниот И.Л. од Битола, брат на неговата поранешна сопруга, нанесувајќи му повреди со остар предмет. Потоа, со употреба на сила, ја внел во возило својата 23-годишна поранешна сопруга и физички ја нападнал.
Полицијата интервенирала и го лишила од слобода осомничениот, а за случајот е известено и Јавното обвинителство.
„По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, информираат од СВР Битола.