Топ
Притвореник побарал лекарска помош и починал во ќелија во затворот во Шутка
Притвореник од Долно Коњари вчера починал во КПУ Затвор Скопје, информираат од полицијата.
-На 30.08.2025 околу 15:30 часот во СВР Скопје од страна на вработен во КПУ Затвор Скопје е пријавено дека М.П. (54) од Д. Коњари, кој бил во притвор, побарал лекарска помош. Од страна на доктор од Итна медицинска помош во 15:58 часот била констатирана смрт, без траги на насилство, се наведува во соопштението од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинение за кражба на кабли од кругот на „Железара“, нанесена штета на јавните инсталации од повеќе стотици илјади евра
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истрага, денеска поднесе Обвинителен акт против три лица, кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од објекти на јавни инсталации кои се од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.
Обвинетите, заедно и со други лица кои се уште не се идентификувани, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, односно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Во повеќе наврати, преку отвори со скалила кои водат во подземните тунели, обвинетите влегувале од погонот на „Полуконти –ИГМ“ и откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Потоа на 6 мај, сите тројца обвинети заедно, со возило Фолксваген голф дошле до објектот и ги подготвувале каблите за транспорт. Но, при удар со кабел едниот осомничен бил повреден и тројцата отишле најпрво на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош. Потоа сите тројца се вратиле во објектот, ги зеле алатите кои ги оставиле и се обиделе да го напуштат местото, но биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од кругот на „Железара“.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за сите тројца обвинети, бидејќи се уште постојат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото како основи поради кои таа мерка беше првично побарана и определена.
Свет
Трамп: Орбан ми побара изземање од санкциите за руската нафта, но не го доби
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан побарал изземање од новите американски санкции насочени кон рускиот нафтен сектор, но дека тоа барање било одбиено, пренесе Индекс повикувајќи се на изјавата на Трамп во авионот „Ер форс уан“.
„Премиерот побара изземање. Не го одобривме, но тој е мој пријател“, изјави Трамп.
Санкциите, насочени кон руските компании „Роснефт“ и „Лукоил“, предвидуваат и секундарни мерки за нивните странски купувачи, меѓу кои се Индија, Кина и дел од земјите од Централна Европа.
Орбан, кој следната недела ќе го посети Вашингтон на својот прв билатерален состанок со Трамп по неговото враќање на власт, претходно изјави дека ќе побара изземање бидејќи, како што рече, замената на руската нафта би предизвикала економска криза во Унгарија.
И покрај војната, Орбан продолжи да одржува блиски односи со Москва, оценувајќи дека и САД и Русија сакаат крај на конфликтот, но дека Украина и Европската унија го попречуваат мирот.
Свет
Зеленски: Русија распореди 170.000 војници во Доњецк, тешки борби околу Покровск
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија распоредила околу 170.000 војници во источната украинска област Доњецк, каде што се обидува да го заземе градот Покровск, пренесе „АП њуз“.
„Ситуацијата во Покровск е тешка“, рече Зеленски, додавајќи дека иако некои руски единици навлегле во градот, украинските сили ги уништуваат.
„Во Покровск има Руси. Тие се уништуваат, постепено се уништуваат, бидејќи мораме да го зачуваме нашиот персонал,“ изјави тој.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна тврдеше дека руската војска напредува, иако со големи човечки и материјални загуби.
Зеленски нагласи дека Украина возвраќа со напади врз цели во Русија за да ја наруши нејзината воена логистика. Шефот на украинската служба за безбедност Васил Малјук изјави дека од почетокот на годината Украина извела повеќе од 160 удари врз руски постројки за нафта, што, според него, предизвикало пад на домашното производство за 20 отсто.
Во меѓувреме, руските беспилотни летала погодиле станбени згради во Суми, при што биле повредени 11 лица, меѓу кои четири деца, и инфраструктура во областа Одеса.
Според Обединетите нации, бројот на цивилни жртви во Украина годинава е зголемен за 30 проценти во однос на 2024 година. Хуманитарниот координатор на ОН во Украина, Матијас Шмале, предупреди дека уништувањето на енергетските постројки на почетокот на студената сезона е „облик на терор“ и дека конфликтот „воопшто не изгледа дека ќе заврши наскоро“.

