Топ
Притворени Италијанка и Германец за криумчарење мигранти преку ГП Богородица
Судот им определи 30-дневен притвор на една италијанска државјанка и еден германски државјанин кои се уапсени за криумчарење мигранти преку граничниот премин Богородица.
Според информациите на МВР, на 5 јануари на граничниот премин Богородица бил приведен К.E.(33), државјанин на Германија, поради тоа што во патничко возило „фолксваген“, со германски национални ознаки, превезувал три лица од Гана, кои при пасошка контрола приложиле туѓи патни исправи, односно патни исправи сопственост на лица од Шведска, Германија и Холандија, за кои подоцна било утврдено дека биле украдени во текот на 2019 година.
Во врска со настанот, подоцна била приведена и Р.А. (30), државјанка на Италија
Против нив е поднесена кривична пријава за кривично дело криумчарење мигранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори
Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. А владината коалиција, на овие избори, докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Благодариме на секој граѓанин кој го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија“, рече тој.
Мисајловски рече дека има огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај, како што кажа, сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат.
„И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош. Исто така, победа издвојувавме и во градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на градот Скопје. И тука имаме навистина многу работа. Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево“, рече Мисајловски.
Според него, опозицијата на овие избори е длабоко поразена. Тој смета дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
„Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне. Ги слушаме и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки. Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти“, изјави Мисајловски.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.

