Црна хроника
Притвор за албанскиот државјанин за давање поткуп на Блаце
Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и поднесе предлог за определување мерка притвор против 43-годишен државјанин на Албанија, за давање поткуп на граничниот премин Долно Блаце.
Осомничениот, на 26 август, пристигнал на граничниот премин “Долно Блаце”, како заменски возач во автобус „Сетра“ со албански регистарски ознаки кој требало да транзитира низ земјава. На полициски службеник – раководител на смена на границата осомничениот му дал една банкнота во апоен од 50 евра со цел да го поткупи за да не изврши службено дејствие – пасошка контрола која се состои од проверка и евиденција на сите патници кои се превезуваат со автобусот. Настанот бил снимен со боди камера на полицаецот, а осомничениот веднаш бил лишен од слобода.
Предлогот за определување мерка притвор беше доставен до Основниот кривичен суд Скопје бидејќи постои реална опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Охриѓанец приведен откако со дрвен предмет и нож нападнал сограѓанин
Полициски службеници од СВР Охрид синоќа, на 31 јануари 2026 година во 23:20 часот, го лишиле од слобода Г.А. (49) од Охрид, по пријава за насилен инцидент што се случил на улицата „Марко Нестороски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот најпрвин со дрвен предмет го нападнал Р.С. (40) од Охрид, по што извадил нож и замавнал кон него. Со брза интервенција на полицијата, напаѓачот бил приведен, со цел спречување на понатамошна ескалација на насилството.
По целосно документирање на настанот, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, согласно законските прописи.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.

