Топ
Притвор за двајца дилери на марихуана од Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишен жител на Скопје, кај кого, во изнајмена барака, била пронајдена импровизирана лабораторија за одгледување марихуана.
При претрес во бараката била пронајдена вреќа со исушени цветови, листови и гранки од растението канабис со вкупна тежина од 922 грама, како и 3 саксии со засадени стебла. Освен ова, во различни помали пакувања биле пронајдени уште 505,4 грама марихуана, дигитални ваги и друга опрема за одгледување на растенијата.
Јавниот обвинител против осомничениот поведе истрага за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, а со оглед на тоа што оцени дека се исполнети законските основи, до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
При претрес во домот на 33-годишен жител на Крушопек, пак, полицијата пронашла 962 грама наркотична дрога – марихуана, како и 19 куршуми со калибар 7,62Х39 мм.
Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка и за ова лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик.
До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Со решенија на надлежниот суд на двајцата осомничени им е определена мерка куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пушењето најголем ризик фактор за рак на бели дробови, значајно придонесува и кај други видови рак
По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на бели дробови.
Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхии и бели дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.
Македонија
По заканите кон новинарот Видиновски, Обвинителството оформи предмет
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост.
Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.
Македонија
Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Џефри Епштајн кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во САД, соопштија од таму.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.
Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности“.

