Топ
Пукање во Чаир, три лица во болница – еден од повредените е тинејџер

Три лица се хоспитализирани по пукање во близина на поликлиниката Бит Пазар.
Дваесетгодишник бил пренесен во ГОБ Наум Охридски со повреда на десната рака од оружје, второто 23-годишно лице имало повреди од тврди предмети, а 17-годишно дете било примено во болницата со повреди од физички напад по престрелката, информираат од полицијата.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
17-годишник загина во сообраќајка во Кичево – возел мотор и се судрил со „ауди“

Несреќа со смртни последици се случи вчера во Кичево, пришто животот го загуби 17-годишно момче од овој град, кое управувало мотоцикл „хамачи“.
Околу пладне, на пресекот на улиците Борис Кидриќ и Мирко Милески, тој се судрил со „ауди“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Е.(22) од кичевското село Стрелци, соопшти полицијата.
Малолетното момче со тешки повреди не успеало да стигне до клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје, пришто за време на транспортот им подлегнало на повредите, а доктор од Итната медицинска помош, констатирал смрт.
Извршен е увид, а врз телото ќе биде извршена обдукција.
Македонија
Пеколни горештини во Македонија, температурата денес ќе достигне 41 степен

Македонија е под топлотен бран.
Според метеоролозите, времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 41 степен, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 41 степен.
Во сила се препораките за заштита на населението.
– Ослободување од работни обврски бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија);
– Одложување на работниот процес во критичните часови (11 – 17 часот) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа во согласност со акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
– Активирање планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат во согласност со интерните протоколи за кризна состојба.
Од среда се очекува заладување.
Македонија
Маргини: Луѓето не заминуваат оти се откажале од формирање семејства, туку зашто државата се откажала од нив

Коалицијата Маргини ја осудува изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени ќе се вратат“.
Според нив, ова претставува редефинирање на државата како биополитички проект, во кој државноста се мери преку способноста да се дисциплинира телото, да се контролира приватноста и да се одреди кој живот вреди.
„Наместо признание на одговорност, добиваме најава на морален императив, што репродуцира политички цинизам и наводна загриженост што го продолжува насилството врз сите што не се вклопуваат во моделот на „добрата“ држава. За да го наметне падот на наталитетот како најголема закана, Мицкоски ја користи демографијата како алатка за дефокус и релативизирање на дневните трагедии, додека жртвите, болката и гневот што го одбележуваат нашето секојдневие ги сведува на „драматични вести“ што го вознемируваат неговото премиерско спокојство!
Во земја каде што една третина од жените се невработени, каде жени умираат при породување и нивните органи се крадат, каде самохраните мајки се оставени без поддршка, каде ЛГБТИ луѓето, како и сите што живеат надвор од хетеронормативниот модел, немаат ниту елементарно признание и правна можност за градење заедници, каде што сиромаштијата е структурна состојба, а пристапот до труд селективен, исклучувачки и непредвидлив – да се зборува за зголемување на наталитет како политички хоризонт, а не како резултат на веќе постојна нееднаквост, е политичко лицемерие кое не само што не нуди решение, туку го засилува проблемот.
Најавите за даночни санкции за немажени и неженети лица, е познат механизам за статистичко бришење на сиромаштијата и за казнување на оние што не се вклопуваат. Ако животот е прескап, одговорот не е да се смени формулата што го покажува тоа, туку да се промени состојбата што го предизвикува.
Мицкоски нуди логика во која сиромаштијата и животот надвор од конзервативниот фетиш за нуклеарното семејство се повод за вина, поради која овие луѓе треба да се покорат или прилагодат – во име на апстрактен морал што ги негира нивните конкретни животи.
Самохраните родител(к)и, лезбејките, геј луѓето, транс лицата, сите вонбрачни, нерегистрирани, непризнати, невидливи форми на живот во ваквата визија избришани од политичката замисла што признава само еден модел: бракот како доказ за нормалност, мајчинството како услов за признание, и семејството како алатка на државна репродукција. Во оваа примарно фашистичка, и подоцна општо авторитарна политика, жената не постои надвор од улогата на мајка, а детето не постои ако е родено „надвор од бракот“..
Кога дури и официјалните податоци покажуваат дека масовната миграција е резултат на долгорочна економска несигурност, корупција, непотизам и институционален колапс – состојби што актуелната власт не само што не ги решила, туку активно ги одржува – премиерот бесрамно тврди дека ќе „живееме со повеќе срце“ ако се мажиме, раѓаме и се враќаме дома. Во држава каде што срцевите заболувања се водечка причина за смрт, каде што загадениот воздух го прави секое вдишување ризик, каде што здравствениот систем е нефункционален, а телото се третира како трошок – апелот на Мицкоски не звучи како повик на живот, туку како замаглување на неправдата што го одбива истиот тој живот.
Уште повеќе, тој зборува и како да не е премиер. Како да не е политички наследник на практики што ни ја цементирале сегашната демографската криза. Како да страда од Пинокио-синдром, Мицкоски се претставува како некој кој дури сега, конечно се освестува и станува „вистинско момче“, па и ја презема државата „во свои раце“, како досега да немал никаква улога и одговорност. Со овој јазичен маневар прави целен обид за бришење на политичката одговорност и за претставување на веќе постојната состојба како нешто што тукушто почнува и што допрва треба да се решава, со што е јасно дека нема никаква намера вистински да се погрижи за проблемот.
Оттука, повеќе од јасно е дека луѓето не заминуваат затоа што се откажале од потребата да создаваат заедници и семејства, туку затоа што државата одамна се откажала од нив!
Поврзувањето на достоинственото живеење со послушноста кон бракот и репродукцијата не е политичка визија, туку биоморален диктат што ја префрла вината врз поединецот и ги поништува условите што државата одбива да ги гарантира“, велат од коалицијата „Маргини“.