Топ
Пукање на „Пластичарска“, повреден сопственик на дуќан

Сопственик на дуќан на булеварот Никола Карев, со повреди од огнено оружје заврши во болница.
Како што информираат од полицијата, синоќа во објектот влегле три лица од Скопје и физички ги нападнале неговите двајца синови.
Кога сопственикот слегол од горниот кат за да види што се случува, еден од напаѓачите од пиштол испукал еден куршум и го повредил во десната надколеница, по што напаѓачите избегале.
Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Денот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Македонија
Меџити: Ова е чиста победа, изградена со доверба и љубов кон Чаир

Синоќа во општина Чаир Изет Меџити и неговиот тим ја прославија победата на локалните избори.
Меџити им се заблагодари на партиските структури, активистите и граѓаните кои стоеле покрај него во текот на целата кампања.
„Победата што ја постигнавме не е случајност, туку резултат на работа, посветеност и доверба што ја изградивме заедно. Тоа е победа на нашата структура и активистите, на луѓето кои беа присутни во секој дел од Чаир, кои ја претворија нашата енергија и визија во вистинска граѓанска победа“, изјави Меџити.
Тој додаде дека секој час работа, секој чекор и секој напор на неговиот тим имале смисла, затоа што оваа победа е изградена врз чисти вредности, со доверба и љубов кон Чаир.
„Од срце ви благодарам за истрајноста, посветеноста и довербата што ми ја укажавте. Денес повеќе од кога било чувствувам дека Чаир има тим кој не се предава, кој работи и победува заедно. Горд сум на вас, горд сум на нашиот Чаир“, рече Меџити.
Според него, победата во Чаир се смета за јасна порака од граѓаните за континуитет, работа и доверба за развиен и обединет Чаир.
Македонија
Ќе се бориме за да ги браниме националните интереси, иднината на државата е во рамките на ЕУ, порача Мицкоски од Лондон

Економијата, безбедноста и процесот на интегрирање на Македонија во рамките на ЕУ, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски биле теми коишто биле опфатени на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон.
„Тука беше додадена уште една тема, а тоа беше нелегална миграција. Морам да кажам дека денот беше инспиративен, го започнав со средба со министерот на Франција за Европа, господинот Бенжамин Хадад, којшто е исклучително близок на претседателот Макрон, на којшто ги кажавме нашите позиции, односно позициите коишто цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на Министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн.
Тоа не се дополнителни услови, туку тоа значи партнерство, тоа значи добрососедски односи помеѓу двете земји“.
Во делот на безбедноста, како што појасни, бил потенциран фактот за енергетската безбедност, развојот на гасните интерконектори.
„Овој што во моментот го градиме со нашиот јужен сосед со Грција и тој којшто планираме многу скоро да го отпочнеме да го градиме со нашиот северен сосед, а тоа е Србија. Потоа континуирано ги споменуваме коридорите 10 и 8, коишто се за нас како држава многу важни, но и за Европа се многу важни, посебно за јужното крило на НАТО, бидејќи ги поврзуваат Јонското и Јадранското море со Црното море, тоа е коридорот 8, и коридорот 10 коишто ги поврзува практично Медитеранот, овој дел на Медитеранот со Егејското море, со Централна Европа“.
Во делот на нелегалната миграција, нашиот став, како што подвлекува Мицкоски е апсолутно јасен.
„Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји членки на ЕУ нелегално влегуваат. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер, за време на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, да заедно со нашите припадници ја штитиме нашата јужно-источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа, ја презентирав нашата отворена покана“.
Потсети и на процедурата на потпишување на меморандумот на разбирање со американско-британскиот конзорциум којшто, како што рече, ќе инвестира во фабрика за производство, а е дел од наменската индустрија.
„Околу 150 милиони долари и каде што неколку стотици би рекол, до илјада луѓе ќе се вработат, но тоа е само почеток, планот е да стигнеме до бројка од една милијарда.
Јас многупати кажувам дека мора да победуваме дома и тука немам никаква дилема, дека домашната задача е најважна, но мора да победуваме и во Лондон и во Брисел и во Париз и во Берлин и во Рим и во Вашингтон и во другите главни градови на земји-членки и на ЕУ, но и на влијателни држави во светот.
Ќе се бориме за да ги браниме националните интереси и интересите на Македонија, генерално и на граѓаните. Иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели.
Ние ќе сториме се што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси.
Нормално дека пораката од нивна страна е дека местото на нашата земја е во рамките на ЕУ, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан. Прилично инспиративна и конкретна дискусија имаше германскиот канцелар господинот Мерц, којшто јасно кажа како го гледа регионот, нормално тоа е затворен состанок и сега не би сакал јас да ги зборувам деталите, но многу јасна насока даде, како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во рамките на ЕУ“.
Мицкоски вели дека останува оптимист, но важно е според него да се испорача домашната задача.
„Тоа се реформите и тоа ќе го правиме во периодот којшто следува, очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот којшто го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рековме наша цел е да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси“.