Топ
Татко и љубовник сексуално експлоатирале 15-годишно девојче
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против пет лица за трговија со дете. Меѓу нив се и таткото и љубовникот на малолетничката.
Со истрагата е утврдено дека во периодот од 22.9.2017 година до 27.2.2018 година, кога мајката на детето била задржана во притвор, првообвинетиот како нејзин татко се обврзал да се грижи за својата тогаш петнаесетгодишна ќерка. Злоупотребувајќи ја својата положба како родител старател, во два наврата на девојчето му договорил присилен брак.
Детето не сакајќи да ги прифати кандидатите за сопруг, избегало и заминало во домот на третообвинетиот со кого било во љубовна врска и каде што претходно престојувале со мајка си. Третообвинетиот, знаејќи дека девојчето сè уште е вљубено во него, го прифатило и ја искористило неговата положба, па од користољубие во два хотела во Скопје на непознати мажи им овозможувал сексуални услуги од детето. Парите од услугите во износ од по 3.000 денари мажите му ги исплаќале на девојчето, а третообвинетиот ги зел за себе.
Од декември 2017 година девојчето било екплоатирано преку проституција од страна на второ, трето и четвртообвинетите, кои договарале сексуални услуги од детето за одреден паричен надоместок во Тетово и Скопје. На 27.2.2018 година детето било пронајдено од полициски службеници, без родител како законски застапник, пријавено во Центарот за социјални работи – Скопје и згрижено во „Мал групен дом“ во Скопје.
Кон крајот на 2018 година детето самоволно го напуштило домот каде што било згрижено. Во периодот од 24.12.2018 година до 13.1.2019 година трето и четвртообвинетите го прифатиле, засолниле и заедно со петообвинетата во одделни случаи го подведувале на вршење полови дејства со други лица за одреден паричен надоместок. Исплатените пари за услугите што ги давало девојчето ги зеле осомничените, а за возврат му обезбедувале престојувалиште.
Сите осомничени се во притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За да нема операции со врски Алиу воведе нов електронски систем: болниците лани направиле 34.862 операции кои не ги завеле во „Мој термин“
Министерот за здравство Азир Алиу денес промовираше електронски систем за евиденција на операциите во сите јавни здравствени установи во земјава. Листата на закажани операции од денес е јавно достапна и граѓаните отсега ќе знаат точно колку луѓе за операција има пред нив во секоја болница и кај секој хирург.
Целта на новиот систем е секој пациент да ја добие потребната услуга на принципот прв дојден, прв услужен. Министерот Алиу кажа дека лекарите досега имаа обврска операциите да ги евидентираат во системот „Мој термин“ со издавање упат за операција, но анализата на состојбата во 2025 година покажала дека лекарите во овој систем завеле 34.862 операции помалку отколку што направиле во болниците. Анализата покажа дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција туку пред самата интервенција, дека некои болници и лекарите користат друг тип на упат, конзервативен третман, за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма и дека листите на чекање не се редовно прочистувани и тоа создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите.
„Резултатот од анализата направена за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати кој бил 58.648, податок земен од системот ‘Мој термин’ и реализирани операции 93.510, податок добиен од установите што ние како Министерство го побаравме. Тоа укажува на непочитување на законската регулатива. Со новиот електронски систем идејата е прво транспарентност, да знае секој од нас колкава е листата на чекање во одредена институција, одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не се случуваше бидејќи, прво, не се синхронизирани системите, а второ, листата на чекање е во хартиена форма. Ако транспарентноста не е голема, може да има злоупотреби во самиот систем. Ние како граѓани веќе ќе знаеме во која институција, кај кој доктор колкава е листата на чекање. Со тоа автоматски ќе знаеме кога сме ние на ред“, објасни министерот Алиу.
Итните случаи ќе бидат веднаш оперирани и нема да се најдат на листата за чекање, а секој пациент кој што ќе одлучи опрерацијата да ја направи приватно, за што министерот Алиу вели дека е право на секој граѓанин, автоматски нема да биде дел од овој систем. во кој податоците ќе се ажурираат на 24 саати.
Алиу очекува со новиот систем значително да се намали бројот на операции со врски.
„ Со ова ќе може да се намали, не сум сигурен дека ќе може да се отстрани целосно тој момент ‘знам некого па да одам пред листата на чекање’. Ние работиме на креативни решенија и понатаму, но ова ни беше многу битно и мора да почнеме од некаде. Огромна е разликата меѓу упат и здравствена услуга и се надевам дека ќе биде помала после овој портал“, вели министерот Алиу.
Тој нагласи дека со новиот портал достапен за граѓаните на https://operacii.zdravstvo.gov.mk/ првпат Министерството воспоставува ред и јасен протокол за закажаните операции.
До јавните здравствени установи кои вршат хируршки интервенции веќе се испратени поединечни известувања со податоци од спроведената анализа и поединечно им е посочено дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции, со бројот на реализирани упати за операција во системот „Мој термин“.
Македонија
По протестите за „Безбеден град“, Мицкоски најави жесток одговор за секој кој го прекршил законот
Премиерот Христијан Мицкоски побарал да биде санкциониран секој што јавно упатувал закани и го загрозувал мирот и безбедноста, по вчерашните протести за „Безбеден град“.
Утрово, премиерот разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал од него соодветна реакција за секое прекршување на законот.
„Она што го побарав од него е кон секој оној што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера на неколку локации во државата беа блокирани патни правци, при што граѓани палеа гуми на коловозите и протестираа, изразувајќи незадоволство од измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила. Жители на повеќе ромски населби низ Македонија тврдат дека се дискриминирани, наведувајќи дека дел од нив немаат завршено образование и поради тоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.
Македонија
Мицкоски: Да почекаме истрагата да даде одговор за наводите за транспортирани мозоци
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема јавно да коментира додека не се добијат поконкретни информации во врска со објавите дека мозоци на починати македонски државјани со психијатриска дијагноза биле транспортирани во САД за медицински истражувања.
„Не би коментирал јавно било што додека не добиеме поконкретно. Сепак е состојба што се случувала пред неколку децении. Да оставиме на обвинителството и истрагата да одговорат“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.
Претходно денеска Јавно обвинителство соопшти дека, врз основа на повеќе информации објавени во медиумите, оформило предмет по допрен глас поради наводи поврзани со документите од случајот со Џефри Епстин.
Од Обвинителството информираа дека наводите упатуваат оти примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани во САД за научно-истражувачки цели.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од институцијата.
Предметот е доставен на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе дејствија за прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, со цел да се утврди дали постоело евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, како и можни пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.

