Топ
Родители ја продале малолетната ќерка на Белгиец за да може сексуално да ја искористува
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Секторот за криминалистички истраги разреши случај за сторено кривично дело трговија со дете, извршено од страна на три лица, од кои еден државјанин на Белгија.
Како што информираат од МВР, белгискиот државјанин Л.Д.С. во период од февруари до мај 2022 година, со намера да овозможи вршење полови дејствија со дете или други форми на сексуална експлоатација во Белгија, планирал и со лицата Е.А. и Ф.Б, родители на детето, договорил склучување на присилен брак помеѓу него и нивната малолетна ќерка, односно дете со неполни 14 години.
Заради остварување на својата намера да го однесе детето во Белгија, Л.Д.С. во повеќе наврати престојувал на територија на нашата држава. Со цел да се обезбедат лични документи за патување за детето , Л.Д.С. на родителите на детето им дал околу 2.500 евра и во неколку наврати преку брз трансфер на пари од Белгија на Е.А. му испраќал парични средства во различен износ.
Oд Јавното обвинителство обелоденија и други детали во врска со овој случај:
„Во текот на втората половина во 2021 година осомничениот белгиски државјанин, со намера да користи сексуални услуги од дете, од Белгија истражувал преку интернет и се информирал за деца до кои лесно може да пристапи.
За да го оствари својот план ја избрал РС Македонија и стапил во контакт со македонски државјанин кој го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца.
Првоосомничениот во повеќе наврати доаѓал преку Меѓународен аеродром ‘Скопје’ каде го пречекувале двајцата осомничени и нивните малолетни деца. Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, тие се согласиле за паричен надомест, на првоосомничениот да му овозможат да користи сексуални услуги врз тринаесетгодишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа.
За таа цел, злоупотребувајќи ја својата положба како родители на малолетната жртва, му дозволиле на првоосомничениот да престојува заедно со нив во куќата во која живеело семејството. Тој манипулирал со девојчето дека го сака и ѝ подарил златен накит, а на родителите им давал пари за потребите на семејството.
Родителите на детето секојдневно му помагале на првоосомничениот со крајна цел под изговор за присилен брак да го однесе малолетното дете во Кралството Белгија каде што наводно ќе стапел во брак со неа и му овозможиле да создаде врска на доверба и емоционална близина со девојчето.
Злоупотребувајќи ја нејзината доверба, првоосомничениот остварувал полови дејствија со девојчето до 16 мај кога полициските службеници го откриле настанот“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Врз основа на издадени судски наредби од Основен кривичен суд Скопје, вчера бил извршен претрес на дом и други простории каде времено престојувале родителите Е.А. и Ф.Б. во Струга, од каде бил обезбеден доказен материјал за стореното кривично дело, додека на скопскиот аеродром бил извршен претрес над лицето Л.Д.С., по што трите лица се лишени од слобода.
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против Л.Д.С. (38) од Белгија и Е.А. (33) и Ф.Б. (34) од Скопје, а со привремен престој во Струга, за сторено кривично дело трговија со дете. Денеска лицата ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.
Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.
„Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.
Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
Македонија
(Фото+видео) Ивановски: Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје
„Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје“ – објави на ФБ, директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
„Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на железничката станица, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои години и декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата. Ова ќе биде фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација“, напиша Ивановски.
„Ќе има промени на инсталациите, електроинсталациите, ќе се решат греењето, ладењето, водоводот. Она што Станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече тогаш директорот Ивановски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти?
„Власта на Мицкоски подготвува анти државно и национално предавство. Угледните британски медиуми, како The Times, пренесуваат дека Владата на Мицкоски е во разговори со Велика Британија за Македонија да стане базна дестинација за враќање мигранти“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Сите лаги зад кои кујните на ДПМНЕ и владата се обидуваа да се сокријат се потопени во вода. Народот е вознемирен. И со право. Криминална власт заробена во корупција која секој ден ги лаже граѓаните се договара зад грбот на народот за штетни договори“, вели Кузеска.
Според неа, „ова е сериозна национална и државна тема, врзана пред се со безбедноста, стабилност и иднина на државата“.
„Ова ли е големата економска вест која Мицковски ја најавуваше со наводниот договор со Обединетотот Кралство? Дали за носење мигранти од Британија е направена проценка на безбедносна. Дали се предвидени ризиците и најважното дали имаме одговор на прашањето – Зошто Британија ги одбила, а ние би ги примиле? Европската статистика е брутална! Дали Мaкедонија и граѓаните од демографски аспект се спремни да кажат добредојде на мигранти, дали не се следи трендот кој постои во повеќе европски земји каде што за жал поради лошо спроведени политики наместо интеграција на мигранти се случива зголемување на криминал, немирите, насилствата“, истакна портпаролката на СДСМ.
Кузеска вели дека развиени и финансиски силни европски држави како Шведска, Британија, Германија, имаат огромен проблем да се справат со овој предизвик, а нивните граѓани протестираат секојдневно за овие проблеми.
„Британија има прва проблем со мигрантите кој трае предолго. Ако овие високо развиени земји не можат да се справат со проблемот нема да може ниту Македонија. Ова општество не може да го издржи ова. Нема цена што треба да се плати! Проблемот на луѓето што бегаат од војни и сиромаштија Македонија за жал, не може да го реши. На британските национални телевизии, аналитичарите веќе ја споменуваат Македонија како држава која може трајно да прими дел од мигрантите. Мицкоски и ДПМНЕ со нивните политики ги бркаат младите Македонци од државата а сега планира да носи мигранти од трети земји. Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти? Никој! СДСМ со целиот свој капацитет ќе се спротивстави на овие анти државни политики на Мицкоски и ДПМНЕ“, заклучи Кузеска.

