Топ
СВР Битола поднесе кривични пријави против осум лица поради предизвикување пожари
СВР Битола до Основните јавни обвинителства во Битола, Прилеп, Ресен и Кичево поднесе кривични пријави против осум лица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик, сторени во периодот од 15.06.2024 до 23.09.2024.
СВР Битола до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против Г.А.(75) од Битола затоа што на 17.08.2024 запалил оган во просторот помеѓу дворот и градината до неговата куќа во с.Облаково, битолско, со намера да го изгори сметот, со што предизвикал пожар. СВР Битола поднесе кривична пријава и против Л.М.(53) од Битола затоа што на 10.08.2024, додека заварувал со апарат за заварување и сечел со брусалка, не го обезбедил местото и од искра предизвикал пожар на сува трева на гробиштата во с.Кременица, битолско.
ОВР Крушево, до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против В.Ш.(56) од с.Пуста Река, крушевско, затоа што во дворот истурила пепелник од шпорет со жар, при што настанал пожар на сува трева, кој зафатил и плевна и борова шума над с.Пуста Река.
ОВР Македонски Брод до ОЈО Кичево поднесе кривична пријава против Т.Д.(57) од Прилеп затоа што на 05.08.2024 бил затекнат на место каде настанал пожар и кај него биле пронајдени предмети со кои го предизвикал пожарот. ОВР Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против Г.К.(54) од с.Штавица, прилепско, затоа што на 05.08.2024 запалил сува трева во својот имот, а огнот се проширил и зафатил сува трева во соседните парцели.
ОВР Ресен, до ОЈО Ресен поднесе кривична пријава против A.М.(43), М.П.(40) од Ресен и Ф.А.(52) од с.Алданци, крушевско. На 16.08.2024 ,А.М. ,поттикнат од второ и трето осомничениот, со шише бензин подметнал пожар кај помошната просторија кај место викано „Старски дом“, каде што живеат повеќе семејства. На тој начин тој го сторил делото „предизвикување на општа опасност“, казниво по член 288 во врска со член 23 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.
Македонија
Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица
Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.
„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.
Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.
„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.
Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.
Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.
„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.
Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!

