Топ
Силувана малолетничка во Скопје
Малолетно девојче со привремено живеалиште во Скопје било силувано од страна на две лица.
Според информациите, за случајот во полицијата алармирала В.С.(39) од Скопје.
Таа пријавила дека завчера околу 21 часот С.С. и Д.Н. извршиле обљуба врз девојчето.
Од МВР велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Возрасен маж нападнал 12-годишно дете без причина на улица во Скопје: го тепал со тупаници и клоци и му се заканувал со нож
Педесет и тригодишен скопјанец нападнал 12-годишно дете во Скопје. Тој го тепал детето со тупаници и клоци, а извадил и нож. Напаѓачот избегал со мотор, а детето било пренесено во Ургентен центар.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство врз дете.
Осомничениот 53-годишник на 11 ноември извршил насилство врз 12-годишно дете.
Додека детето се движело со велосипед по булеварот „Крсте Мисирков”, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без повод и причина агресивно го нападнал со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата.
Детето успеало да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи. Осомничениот го зел велосипедот од оштетеното дете, му ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале. Потоа со моторот го напуштил местото на настанот, додека пак детето било пренесено во Ургентниот центар.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.
Македонија
Судиите со остра критика до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата на добро однесување
Судиите упатија остра критика до премиерот, Христијан Мицкоски, во врска со неговите изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор. Тие велат дека неговите коментари ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Господине Премиер, веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во јавното писмо упатено до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.
Во него се наведува дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму, велат судиите, нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, се наведува во соопштението.
Судиите, исто така, наведуваат дека последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која, како што велат, е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, се наведува во соопштението од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите.
Мицкоски вчера изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Македонија
Лекарите открија 10 непотребни операции на срце или неправилно упатени пациенти, засега велат дека не е етички да ги кажат болниците
Непотребно оперирани или неправилно упатени пациенти се пронајдени во десет од анализираните 19 случаи на кои работи домашната комисија формирана по алармот од кардиологот Сашко Кедев дека во земјата се прават непотребни операции на срце заради заработка. Претседателот на комисијата, д-р Жарко Христовски, во оваа фаза вели дека нема да откријат во кои болници се откриени неправилностите и најави конечен, комплетен извештај откога ќе го даде ставот и меѓународната комисија.
„Кога ќе завршиме со комплетниот извештај, тогаш ќе можеме да посочиме болници. И досегашните информации се проблематични како можеме да ги издржиме бидејќи не се комплетни извештаите. Кога не се конечни извештаите, посочувате со прст кон нешто што не е ниту етички ниту законски“, рече Христовски.
Досега ги анализирале ангиографските наоди и достапната медицинска документација и Христовски вели дека се на половина од работата, но излегле со првични резултати поради големиот интерес во јавноста. Следува фаза во која ќе влегуваат во здравствените институции, ќе ја проверуваат целосната медицинска документација, а потоа ќе имаат и заеднички средби со меѓународната комисија за да дојдат до дефинитивна оценка за секој поединечен случај.
„Ова е прелиминарен извештај. Втората фаза е заедничка работа, средба со тројца експерти надвор од нашата држава. По завршувањето на анализите од нашата стручна комисија и надворешната стручна комисија, ќе имаме прес-конференција со конечен извештај и ќе видиме дали ќе се утврдат истите десет случаи и од страна на таа комисија. На крајот, тој извештај кај нас ќе биде патоказ за дефинирање политики во овој дел од здравствениот систем“, рече министерот за здравство, Азир Алиу.
До Министерството за здравство и до Фондот стигнеле вкупни 25 пријави за сомнителни операции или упатувања, но комисијата постапувала по 19 од нив оти во шест случи утврдиле дека надлежноста е на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде што ги препратиле случаите.
Меѓународната комисија, која ќе има тројца членови, сè уште не е формирана.

