Црна хроника
Скопјанец осомничен за измама со фиктивна продажба на станови
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице за кои постои сомнение за сторено продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик.
Пријавениот сопственик на правното лице, со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за својата фирма, лажно прикажувал факти дека врши посредување при продажба на станови и возила во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот – Скопје.
Осомничениот 35-годишник од Скопје на две оштетени лица во Куманово им се претставил како вработен во Агенцијата за управување со одземен имот и со нив склучил фиктивни договори за наводна продажба на станови во Скопје и Охрид. Измамените граѓани му уплаќале пари, еден дел во готово, а еден дел на сметка на правното лице, со што осомничениот прибавил вкупна противправна имотна корист од 115.754 евра.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово ќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Пријавени тепачки во Шуто Оризари
Во СВР Скопје било пријавено дека на 24.02.2026 година на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија помеѓу двајца малолетници, повеќе лица физички нападнале еден од малолетниците.
Според пријавата, во инцидентот учествувале М.Х. (22), И.Х. (23) и Р.Х. (46).
Подоцна било пријавено и нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.З. (54) и Р.З. (36) од една страна, и М.Х. и И.Х. од друга страна, сите од Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Жена пријавила физички напад од вонбрачен партнер во Драчево
Дваесет и двегодишна жена пријавила во СВР Скопје дека била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.
Според пријавата, на 27.02.2026 година околу 12:00 часот, во дом на подрачјето на Драчево, таа била нападната од С.С. (22) од Скопје. Случајот бил пријавен во полиција во 16:30 часот истиот ден.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

