Топ
Скопјанец смртно настрада откако бил удрен од сопственото возило
Скопјанец починал откако неговото возило кое било запрено, се придвижило и удрило во него.
Вчера во 11.00 часот било пријавено дека во с.Патишка Река, скопско, запрено патничко возило „нисан терано“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Р.Ј.(63) од истото село, кој бил покрај возилото, се придвижило и удрило во него.
На местото на несреќата починал Р.Ј., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, соопшти полицијата.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“
Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на Резолуцијата во име на Мониторинг комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од политичката група на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, соопшти Собранието.
Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Мониторинг комисијата или долгото име: Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија. Односно, постои координиран пристап во мониторинг механизмите како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венецијанската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава.
Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на Делегацијата на Собранието. Иванка Василевска ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврна на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. На крајот нагласи дека изгласувањето на резолуцијата е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и нејзината континуирана посветеност на реформите.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг дијалогот за Северна Македонија како значаен успех не само за државата, туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Ќоку нагласи дека Северна Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Своето обраќање го заврши со поздравување на резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.
Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека оваа резолуција со која се затвора процес по 25 години е резолуција за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, дека ја отсликува состојбата, но и желбата на граѓаните да бидат дел од Европската Унија. Таа кажа дека се надева дека со усвојувањето на оваа резолуција, сите политичари во државата, особено власта, добиваат јасен знак дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и тоа треба да се случи час поскоро.
Топ
Кривична пријава за „проневера во службата“ против претседател на ловечко друштво од Струмица
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против 41-годишниот Д.Р. од Струмица, поради постоење на основи на сомневање дека сторил кривично дело „проневера во службата“ по член 354 од КЗ.
Пријавениот во својство на претседател на ловечко друштво од Струмица, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во текот на 2024 и 2025 година од трансакциска сметка на ловечкото друштво на која воедно бил и овластен потписник, во повеќе наврати подигнувал поголеми износи на парични средства кои ги присвоил за себе, без за тоа да има соодветна оправданост или сметководствено покритие.
Со таквите дејствија Д.Р. прибавил за себе противправна имотна корист во вкупен износ од 1.326.787 денари, за кој износ е оштетено ловечкото друштво.
Свет
Стармер ја посети Кина, односите меѓу двете земји се зајакнуваат; Трамп: Она што го прават е многу опасно
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу опасно“ за Велика Британија да соработува со Кина, додека британскиот премиер Кир Стармер го бранеше „зближувањето“ со Пекинг. Зборувајќи пред кинеските и британските бизнис лидери во Банката на Кина, Стармер ги повтори своите „многу топли и многу добри“ разговори со претседателот Кси Џинпинг претходниот ден.
Британскиот премиер ја бранеше својата посета на Кина како начин за обнова на меѓусебната доверба и зајакнување на трговските односи со Пекинг.
Тој повтори дека разговорите им овозможиле да „остварат вистински напредок“ и дека „ние ја градиме довербата и почитта што се толку важни“.
Трамп: Она што го прават е многу опасно
Како и неодамнешната посета на канадскиот премиер Марк Карни, ова зближување меѓу Лондон и Пекинг е извор на иритација за Доналд Трамп, во услови на растечко соперништво меѓу двете најголеми економии во светот.
„Многу е опасно за нив да го прават тоа“, предупреди американскиот претседател за време на брифингот за медиумите по пристигнувањето во Вашингтон за премиерата на документарецот за неговата сопруга Меланија Трамп.
Стармер им рече на новинарите во авионот на пат кон Кина дека Велика Британија може да продолжи да ги зајакнува економските врски со Кина, без да го налути Трамп, поради долгата историја на тесна соработка на неговата земја со Соединетите Американски Држави.
„Односот што го имаме со САД е еден од најтесните односи што ги имаме, во одбраната, безбедноста, разузнавањето, а исто така и во трговијата и во многу други области“, рече тој.
Вкупно беа потпишани околу десет договори за соработка, чии детали сè уште се нејасни, а двете влади се согласија и да спроведат „студија за изводливост за да се испита можноста за отворање преговори за билатерален договор за услуги“.

