Топ
Скопјанец украл паричници од факултет и приватна болница, па со картичките пазарел во маркети

Скопското Обвинителство поднесе обвинение против 40-годишен скопјанец кој крадел паричници, а потоа правел трансакции во маркети.
Како што јавија од Обвинителството, на 13 јануари, од една од канцелариите на Факултетот за ветеринарна медицина одзел машки паричник во кој имало 16.000 денари, две кредитни картички, лични документи и други предмети. Истиот ден тој употребил една од противправно стекнатите кредитни картички во маркет и направил трансакција од 666 денари.
На 15 јануари обвинетиот влегол во просториите на ПЗУ Ремедика и со употреба на физичка сила ја скршил бравата од шкаф за чување лични работи на еден од лекарите вработени во оваа здравствена установа. Од шкафчето тој одзел паричник во кој имало 4.000 денари, три платежни картички и други документи. Истиот ден, во рок од половина час, со картичките направил седум трансакции во различни маркети во вкупен износ од 4.325 денари.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.
Македонија
„Ова не е буцни прачка, пиј вино“ – Тошковски уверува дека се постапува за дивоградбите во Чаир

Министерството за внатрешни работи постапува по наредба од јавен обвинител во врска со случаите на дивоградби на подрачјето на скопската општина Чаир. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека институциите работат на утврдување на фактите, а резултатите се очекува да бидат видливи во скоро време.
На прес-конференција во Владата, каде што ги презентираше резултатите од првата година од мандатот, Тошковски истакна дека МВР спроведува неселективна и бескомпромисна борба против прекршувањата на законот, нагласувајќи дека постапките се водат и против високи функционери, вклучително и врховни судии, директори, поранешни и актуелни градоначалници.
Во однос на случајот со Чаир, министерот наведе дека не располага со информации дали е веќе утврден конкретен случај на дивоградба, но потврди дека Министерството постапува по наредбата на обвинителството.
„Ќе се видат резултатите, ова не е буцни прачка, пиј вино.. Ќе постапиме како што тоа се прави во секоја европска држава“, рече Тошковски, додавајќи дека ниту еден предмет нема да биде оставен без институционален одговор.
Претходно градоначалничката, Данела Арсовска, до Обвинителството достави документи за незаконски легализации на дивоградби, тврдејќи дека со фалсификат биле легализирани од градоначалникот Висар Ганиу.
Топ
Куќен притвор за возачот што го усмрти Југослав на кеј, претходно бил осудуван за насилство и непочитување на ковид мерки

Судот му определи куќен притвор на 25-годишниот скопјанец кој со мотор без дозвола го усмрти Југослав Николовски (68) на пешачка патека на кејот на Вардар кај Паркот на франкофонијата. Обвинителството утрово соопшти дека вложило жалба на одлуката за куќен притвор.
По информацијата дека двапати претходно бил осудуван, од Обвинителството информираа дека дека кај нив е евидентиран со предуда за насилство како малолетник, а потоа и уште една за здравствени прописи во време на Ковид кризата.
Несреќата се случи на 1 јули, кога осомничениот управувајќи мотоцикл „кавасаки“ без дозвола, удри во пешакот Николовски. Според информацијата од Обвинителството, тој возел преку површина наменета за движење на пешаци и не се придржувал кон прописите. Кога дошол во близина на зградата, не ја прилагодил брзината на движење на моторот. Покрај тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.
Обвинителството бараше притвор поради фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, што за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство. Дополнителна причина за барањето за притвор е и тоа што претходно бил осудуван.